Стигма, дискриминација, сегрегација, изолираност од семејството и другите деца, непристапност до образованието и до образовните објекти, се само дел од проблемите со кои се соочуваат децата со попреченост во Македонија. Потребни се реформи, модификации во содржината, во методите на подучување, структури и стратегии во образованието, со цел да се надминат бариерите за на сите деца од сите возрасти да им се обезбедат еднакви можности за учество во учењето и околина која одговара на нивните барања.
Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната дебата во организација на МОН и УНИЦЕФ на тема „Кон инклузивно образование – насоки за реформи“ што се одржа во Владата.
– Нашите сограѓани кои имаат извесни попречености во психофизичкиот развој не се и не треба да се третираат поразлично од другите. Тие поседуваат и континуирано ги надградуваат личните способности, но можат да стекнуваат и нови, со кои придонесуваат за општествениот економско-социјален напредок. Во одредени сегменти или конкретни ситуации дури и повеќе од некои други, рече министерот за образование и наука Арбр Адеми.
Постојниот систем го оцени како добар, но со можност да се унапредува и подобрува. Потсети дека овие деца добиваат стипендии, ослободени се од партиципација за сместување до ученички и студентски домови. Се набавува, рече, асистивна технологија, се зајакнуваат стручните служби психолози, педагози и дефектолози, а се обезнедени и персонални асистенти.
Најави и дека се планираат измени на Законот за основно образование, кој, како што појасни, предвидува на ниво на паралелка во редовно основно училиште да се запишат до два ученици, специјалните училишта да добијат дополнителна дејност да станат ресурсни центри. со можност за мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар.
Проценките на УНИЦЕФ покажуваат дека во Европа и Централна Азија има 5,1 милиони лица со попреченост и само 1,6 милиони се регистрирани. Специјални училишта посетуваат 14,5 проценти од регистрираните 1,6 милиони. Во половина од земјите помалку од еден процент посетуваат редовни основни училишта, а особено се исклучени девојчиња со попречености.
– Високите нивоа на стигма и дискриминација резултираат во масовна институционализација, сегрегирано образование, специјални паралелки или пак изолираност во семејство. Доминира и медицинскиот модел, дефектологија, рече Нора Шабани, специјалист за образование од УНИЦЕФ.
Таа потенцира и дека инклузивно образование не е сместување во редовни паралелки без промени, во организација, наставни програми стратегии за подучување, интеграцијата не гарантира автоматски премин од сегрегација кон инклузија. Инклузивно образование не е компатибилно со сотојбата на одржување на два паралелни системи редовно, и специјално/сегрегирано.
Елспет Ериксон, заменик преставник на УНИЦЕФ, вели дека и натаму е потребно подигнување на јавната свест, иако, како што рече, има постигнат напредок. Преходно, само четири отсто од родителите, рече, сметале дека деца со попречености треба да учат заедно со нивните деца, а сега тој процент е шесткратно зголемен и 24 отсто од нив имаат позитивен став за ова прашање.