Неопходно е преземање активности за повторно да се активираат урбаните, а особоено месните заедници во селата каде жителите ќе се собираат и самите ќе одлучуваат за своите потреби и приоритети. Ова беше истакнато на денешната дебата „Месната самоуправа – неискористен потенцијал за јакнење на локалните заедници, во организација на Министерството за локална самоуправа и Канцеларијата на УНДП во Скопје.
Заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески пред почетокот на дебатата изјави дека се потребни јавни дебати за тоа колкава е потребата од месната самоуправа, односно како да се организираат урбаните и месните заедници со цел да бидат во служба на граѓаните.
– Очекувањата се дека ќе има голема заинтересираност по ова прашање, особено во селските средини за кои функционирањето на месните заедници е од исклучително значење за нивното нормално и секојдневно живеење, рече Павлески.
Нашиот пристап, како што нагласи, е дека мора да направиме се, сите граѓани, без разлика дали живеат во село или во град, да имаат подеднакво исти и квалитетни услови за живот на целата територија на Република Македонија.
– Она што е наша цел е да воспоставиме систем на локална самоуправа во кој граѓанинот ќе биде во центарот на вниманието, а неговите потреби ќе бидат врвен приоритет, рече Павлески.
Советникот на постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија Харалд Шенкер нагласи дека за УНДП е важен постојаниот развој на локалната демократија и додае оти месните заедници се дел од тој процес.
– Граѓаните да бидат во центарот на вниманието, да се подобрат услугите за граѓаните во секоја смисла. Мислиме дека тука има потенцијал. Има искуство во регионот и пошироко и работиме на заедничка визија за месните заедници, рече Шенкер.
На Форумот учествуваа претставници на месни и урбани заедници и на општини.