И покрај законската обврска да поднесат анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупцијата, на веб-страната на ДКСК може да се види дека пет од седумте нови членови на Комисијата за заштита од дискриминација не го сториле тоа.
Се работи за председателот на Комисијата Александар Даштевски и членовите Тони Науновски и двајцата членови на ГДОМ, познати по одбраната на постапките на власта, потоа Нена Неновска Ѓеоргиевска, Ирфан Деари и Беким Кадриу.
– Со ова е повреден чл. 33 од Законот за спречување корупција според кој секој избран и именуван функционер и друго службено лице, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето има обврска да поднесе анкетен лист со детален попис на недвижниот и подвижен имот во негова сопстеност и сопственост на неговото семејство. Новите членови на Комисијата уште на почетокот на својот мандат покажаа колку „држат“ до почитување на законите, велат од Транспарентност Македонија.
Новиот состав на Комисијата за заштита на дискриминацијата беше избран на 11 јануари 2016 година и имале обврска ја пријават својата имотна состојба најдоцна до 11 февруари. Но, тоа не го сториле ниту по истекот на законскиот рок.
Во меѓувреме, Транспарентност Македонија побара од ДКСК и Управата за јавни приходи да покренат постапка за испитување на имотот и имотната состојба на овие пет новоизбрани членови на Комисијата за заштита од дискриминација, а ДКСК да покрене постапка пред надлежниот суд за изрекување на мерка прекршок за сторената повреда на Законот, за што е предвидена глоба во износ од 500 до 1.000 евра, во денарска противвредност.
А.Б.