Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, дозволи повторување на кривичната постапка против Драган Даравелски кој беше осуден на седум години затворска казна за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување. Тој минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Табановце при обид за влез во државава одкако по промената на власт во 2002 година пребегна во Србија.
Основното јавно обвинителство поднело жалба против решението на Советот, а денеска е добиена одлука на Вторстепениот суд со која решението на Кривичниот совет се потврдува во целост. Решението во текот на денешниот ден ќе биде доставено до странките и КПУ Идризово, соопшти денеска Основниот Кривичниот суд Скопје.
-По добиено барање од адвокатот на Даравлески за повторување на кривичната постапка, оформи предмет и изврши увид во списите на кривично правниот предмет К.бр. 809/05, предметот за извршување на досудената санкција на Основниот суд Куманово со КУИКП бр. 162/10, предметот на кривичниот совет со КС – КР бр. 1085/15, известувањето од КПУ Идризово и прибави мислење од надлежното ОЈО Скопје. Постапувајќи по барањето и по детална анaлиза на прибавените списи и докумeнтација, Кривичниот совет на 3 февруари 2023 година донесе решение со кое утврди дека барањето е основано и се дозволува повторување на кривичната постапка против обвинетиот, се наведува во соопштението на Судот.
Советот, како што се наведува, го ценел чл.3 ст.2 од Втор додатен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од чл.424 ст.1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство.
Од Судот појаснуваат дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена, односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување.
Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Министерството за правда повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.