Селефистите се група која е најгласноговорна против верскиот екстремизам и т.н. исламски тероризам. Ова го тврди Енис Муарем постдипломец на интер-религиски студии и проучувач на радикалните групации, а откако во јавноста се постави прашањето дали новооснованата селефиска заедница „Дар ел Хадис“ е опасност по безбедноста на Македонија. Муарем кој скоро една деценија ја истражува ова проблематика, за „А1он“ вели дека не гледа закана бидејќи и од јавно објавените материјали се гледало дека основачот на новата верска заедница има јасен и недвосмислен став, односно, се оградува од ИСИС и групата „муслимански браќа“. Тој вели дека има и разлики во практикување на верата кај ИВЗ и новоформираната исламска заедница, а со тоа, за него е нормално е да го користат правото на самоорганизирање и практикување на верата.
„При доставување на потребните документи за регистрација на Верска заедница/Религиозна група во судот, мора да се достави Статут според кој верската заедница ќе работи. Тоа што мене ми е важно како граѓанин и дел од општеството е нивното дејствување да не биде во спротивно на законите. Со прифаќањето од страна на судот, се укажува дека нивното дејствување не е во насока на кршење на Уставот и законите. Несомнено тврдам дека е најгласноговорната група против исламски тероризам. Со години објавуваат трудови, списанија и држат јавни настапи каде што ги осудуваат сите познати, или помалку познати, екстремистички групации кои се припишуваат на исламот. Дали навистина оваа група на луѓе кои ја регистрирале новата верска заедница припаѓаат на оваа доктрина – јас навистина се надевам дека е така и дека ќе ги почитуваат постулатите на селефизмот“, вели Муарем.
Тој вели дека од јавно достапните материјали јасно се гледа дека новата верска заедница „Дар ел Хадис“ ги следи и трите принципи на селефистите, а тоа се јавно оградување, побивање на идеите и предупредување на верниците да не западнат во замката на радикалните верувања. Според Муарем, постојат повеќе верски кои се регистрирани во Македонија и се препишуваат на исламот, па ни тој не знае зошто има реакции токму за новоформираната исламска селефистичка заедница.
„Од тој аспект, не гледам никаква можна закана од страна на оваа група и нивното делување. Сето ова го говорам, академски, според дефиниција. Дали навистина оваа група на луѓе која ја регистрирале новата Верска заедница во РСМ припаѓаат на оваа доктрина – јас навистина се надевам дека е така и дека ќе ги почитуваат постулатите на селефизмот. Доколку верниците навистина дејстуваат врз основа на постулатите на селефизмот, тогаш тие би требало да бидат само јавна верска група со свои убедувања кои во никој случај не го нарушува мирот и спокојството во општеството. Дури тие би биле општествено корисни доколку секогаш го имаат истиот пристап кон сите радикални и екстремни верски групи, со тоа што ќе се борат против било која идеологија од овој тип“, додава Муарем.
ИВЗ била и ќе биде верска заедница која го организира верскиот живот на муслиманите во државава, додава Муарем, според кого, новата верска заедница не е за раскол во верското ткиво. Тој смета дека новоформираната „Дар ел Хадис“ има верници со свои теолошки убедувања, од многу аспекти различни од тие на ИВЗ.
„Пред се, разликата е очигледна во методологијата која се користи при толкување на Куранот. Во однос на тврдењето дека ги извршуваат истите верски практики, тука разликата е уште поочигледна. Мислам дека сакаат конечно да можат слободно да ја исполнуваат верската обврска на начин кој тие сметат дека е верски ‘најправилен’. Дали зад нив стои некоја политичка опција? Не верувам дека политиката би се вмешала во тоа да застане зад група која се грубо кажано ‘двајца без тројца’. Мислам дека едноставно си го користат правото на самоорганизирање и практикување на верата“, објаснува тој.
Инаку остра реакција за регистрацијата на селефиска верска заедница „Дар ел Хадис“ имаше Исламската верска заедница, од каде сметаат дека судот не смеел да даде зелено светло бидејќи не добил мислење од петте уставни заедници и законот не дозволувал заедница која има исто име, учења и исти религиозни практики. И премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање рече дека регистрирањето на ваква заедница во државата претставува безбедносен проблем.