По одморите, пратениците ќе ја решат состојбата со Академијата за судии и јавни обвинители, која веќе 3 години функционира со директор и управен одбор со истечен мандат, односно органите на управување донесуваат одлуки без мандат. Со ова се доведува во прашање легитимноста и функционирањето на Академијата.
Со измените во Законот кои се на собраниска седница на крајот на месец август, треба да се отстранат формалните критериуми кои претставуваа пречка за ефикасно функционирање на Академијата.
Во 2015 година беа изгласани измени на Законот со нови критериуми кои освен одредени личности никој не можеше да ги исполни. Беа предвидени законски одредби со нови услови и нов начин на избор на директорот, членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет на Академијата, односно беа воведени електронски испит за директор и построги критериуми во однос на познавањето на јазикот, психолошкиот тест и тестот за интегритет, кои се однесуваат и за членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет. Предложените изменувања и дополнувања на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители имаат за цел подобрени и поедноставени постапки со што ќе се овозможи пријавување на членови од редот на судиите и јавните обвинители кои ги исполнуваат законските услови за да се формираат органите на управување и да се овозможи Академијата легитимно да фунционира согласно законот.
И покрај критиките во јавноста и неколкуте афери, „незменливата“ директорка Анета Арнаудова, три години незаконски седи во директорската фотелја. Да потсетиме никој не беше виновен за фалсификувани сертификати за познавање на англиски јазик на кандидатите, одржувањето на Свечената академија за 10 годишното постоење го одржа во Музејот на ВМРО (Музеј на македонската борба за државност и самостојност и жртвите на комунизмот), објект за кој СЈО води постапка и беше дел од бомбите на поранешната опозиција. За директор е избрана во 2006, а реизбрана во 2010 година. Според Законот право на трет мандат нема.
Целта на предложеното законско решение е подобрување на постојната законска регулатива согласно утврдените недостатоци во примената на законот и отстранување на формалните критериуми кои претставуваат пречка за примена на законот, а ќе овозможат ефикасен избор на органите и функционирање на Академијата согласно закон. Со усвојувањето на овој закон веројатно ќе биде ставен крај на директорувањето со Академијата со истечен мандат уште пред три години.