Дали е возможно бесплатно високо образование?

Од:

Движењето „Слободен индекс“ побара бесплатно високо образование за сите социјални слоеви. Според она што тие го објавија на својот блог бесплатно високо образование треба да има за сите оние кои ги исполнуваат условите за упис во утврдените квоти.

Според студентското движење секоја година околу 8 милиони евра од студентите одат во буџетот на УКИМ. Со ова, стои во објавата, знаењето стана роба и неговата цена се утврдува исто како и цената на било која друга роба во однос на понудата и побарувачката.

„Државата направи хаос во високото образование“, вели за А1он Нелко Стојановски, професор по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Најпрво, коментира Стојановски, државата дозволи да се отворат многу приватни високо образовни институции, а сега гледаме дека некои од нив почнуваат да се затвораат. Тој објаснува дека иако се очекувало овие универзитети да станат подобри од државните и да придонесат во повеќе сфери, сепак се случило обратното.

Радмила Ванкоска од „Слободен индекс“, вчера за Радио МОФ објаснува дека:

„Истражувањето покажа поинаква страна на начинот на кој се финансираат факултетите – околу осум милиони евра се платени од џебот на студентите, што значи дека УКИМ полека и неосетно секоја година се повеќе се приватизира. Само „Скопје 2014“ вреди помеѓу 100 и 500 милиони евра од годишниот буџет, во зависност од изворот кој ја соопштува вредноста. Тоа претставува 2.5 до 12.5 пати повеќе од годишниот буџет, од она што е потребно за бесплатно образование. Бидејќи тој проект е од времетраење од пет години, следува дека со овој износ би можеле да имаме од 15 до 60 години бесплатно образование“.

Во Македонија до 2001 година постоеше бесплатна државна квота, а од „Слободен индекс“ забележуваат дека ако е точно дека економијата се подобрува секоја година, а бесплатно образование можело да се оствари пред дестина години, тогаш истото може да се оствари и сега.

Ненад Новковски поранешен министер за образование и наука и професор на ПМФ, за А1он вели дека, според вообичаената современа тенденција државата треба да ги финансира студентите со повеќе стипендии. Исто така тој нагласува дека во случаите каде студентите навистина не можат да го покријат своето студирање, државата треба да ги ослободи од партиципација.

Зголемувањето на бројот на студентските стипендии, според Новковски треба да биде за загрозените лица кои немаат средства за студирање, талентираните студенти, а поволни студентски кредити би биле решение за студентите со средна положба.

Во врска со можноста за успех на концептот за бесплатно високо образование Новковски смета дека ова е возможно, но се поставува прашањето дали кај државата постои волја за тоа. Истиот проблем, тој го гледа и во финансирањето на науката. Државата собира данок за научно-истражувачка дејност, и според уставните обврски таа тоа треба да го реализира.

„Науката е сведена на нула. Финансиите за научно- истражувачката дејност се распределуваат за други работи, па исто така и овој концепт за бесплатно високо образование не би можел да се реализира“, заклучува Новковски.

Бесплатно високо образование има во 19 земји во Европа, меѓу кои Словенија, Норвешка, Данска, Финска и Чешка.

„Државата нема пари да го финансира високото образование бидејќи над 90% од средношколците се запишуваат на факултетите во земјава. Факултетот стана паркинг за невработените. Место да се покачува стапката на неврабтеност, расте бројот на студентите, а тие пак по неколку години стануваат невработен високо образовен кадар“, заклучува професорот Стојановски.

Од „Слободен индекс“ ги повикуваат студентите на активно делување, и како што стои во објавата студентите како дел од општеството имаат одговорност за она што им се случува.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов