Покрај утврдениот максимален рок, да се дефинира и најкраток рок за пријавување на интерниот оглас за унапредување во МВР, да се иницираат измени на Законот за внатрешни работи за прецизно да се утврдат фазите и стандардите за унапредување, да се ограничи дискрециската моќ на министерот за уредување на постапката преку подзаконски акти и да се воведе поголема транспарентност при мерит системот и кариерниот развој на службените лица, препорачува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Како што беше истакнато на денешната седница, ДКСК утврди значајни регулаторни ризици од корупција и судир на интереси при анализата на одредбите од член 14 од Правилникот за начинот на спроведување селекција при распоредување и унапредување и за начинот на остварување на системот на кариера на работниците во Министерството за внатрешни работи.
– Ризиците произлегуваат од недопрецизираните одредби за роковите за пријавување на интерните огласи. Со член 14 од Правилникот утврден е само максималниот рок од седум дена за пријавување по интерниот оглас, без прецизирање минимален рок што остава простор и можност интерниот оглас да биде активен и само еден ден. Ова создава простор за намалување на конкуренцијата и фаворизирање кандидати. Утврдена е и некохерентна правна техника и двосмислени формулации, односно одредбата од став 2 на Правилникот наведува дека рокот е дел од податоците во телеграмата која се доставува за објавување на интерниот оглас, но не е прецизно регулирано дали овој рок е задолжителен, кој го определува и на кој начин, истакна членот на ДКСК Зоран Богоевски кој ја презентираше анализата.
Според него, овозможена е широка дискрециска моќ на министерот да ја уредува постапката за унапредување на вработените преку подзаконски акт без прецизни законски рамки што создава ризик од влијание врз мерит системот и интегритетот на самиот процес.
-За да се минимизираат ризиците од корупција и судир на интереси во постапките за интерно унапредување во МВР, ДКСК овој Извештај ќе го достави до предлагачот на Законот за внатрешни работи и до органите надлежни за негова имплементација, напомена Богоевски.
ДКСК на денешната седница ги презентираше и Извештајот од спроведена антикорупциска проверка на легислативата на одредби кои се однесуваат на издавањето на лиценци, одобренија, дозволи за работа на угостителски објекти и слично, како и за вршење надзор во Законот за угостителска дејност, Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експолозивни материи, како и Извештајот од спроведена антикорупциска проверка на легислативата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.