Треба да се надмине митот дека информатиката е машка професија и да им се укаже на младите, посебно на жените и девојчињата, дека оваа работа нуди многу можности, порача денеска министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Пред обраќањето на Глобалниот самит на жени лидери 2017, Арсовска Томовска нагласи дека ако сакаме да им помогнеме на децата да имаат сигурно работно место, добра плата и пристоен живот, треба да им посочиме да размислуваат за кариера во технологијата.
– Тоа е пораката која особено се однесува на жените и девојките. Сите треба да работиме на промоција на професиите во областа на технологијата, да им укажеме на сите што ни се блиски, деца, роднини, пријатели, и мажи и жени, особено девојчиња, за митот дека информатиката е машка професија, да им ги посочиме сите убавини на оваа професија, на можностите што ги нуди и со тоа да им обезбедиме сигурна иднина зашто работни места во технолоигијата стануваат се подефицитарни и оној јаз меѓу можностите и потребите е се поголем, истакна министерката.
За да бидат силни и успешни, заклучи, на државите им се потребни што повеќе технолошки образовани луѓе, особено жени.