Да го најдевме додека уште беше цел немаше да бидам олку лута, сега четири коски треба да носам во Италија, очајна е мајката на Пино

Од:

Маја Трпковска, мајката на исчезнатото момче Пинета Секондо (26) за кое Обвинителството јави дека е убиено и фрлено во дупка во Љуботен, стигна во Скопје. Таа живее и работи во Италија, каде што сака да го погреба синот па заедно со сопругот се дојдени да ги земат посмртните останки.

По шестмесечно измачување и борба со институциите Трпковска вели дека сега, откако Пино е најден убиен, чувствува огромна лутина што полицијата не ги послушала нејзините апели одговорност да побараат од Ангела Ѓеоргиевска, девојката за која истрагата покажа дека го намамила кај неа, а потоа заедно отишле во Арачиново, каде што Али Фуркан пред неа го убил Пино, а потоа заедно го фрлиле во дупка во Љуботен и го затрупале со камења.

„Многу сум лута, од првиот ден јас само викав Ангела, Ангела, Ангела. Крајот покажа дека сум имала право. Мене не ми треба полиграф што може да го измами било која дрогирашка, поголем полиграф од срце на мајка не постои. Јас само малку да се приберам , сакам да му се јавам на тој од исчезнати лица во МВР Драган Лазаров, што мене ми викаше – девојчето е поштено, девојчето не е криво, нема врска. Ете го девојчето каде е, ороспија“, вели Трпковска.

За Пинета Секондо (26) Обвинителството јави дека бил убиен, фрлен во дупка во Љуботен и затрупан со камења

Најтешко и паѓа што од синот сега се останати само коски.

„Да кажеше веднаш, да признаеше, да го најдевме додека беше уште цел , немаше да бидам олку лута, сега сум многу лута. Некој ме нарече мајка-лавица, не јас не сум лавица, јас сега сум змија, ѕвер. Да го најдев цел немаше да го имам овој гнев, сега имам само четири коски да соберам и да ги носам во Италија“, гневна е Трпковска.

Таа за утре најави дека ќе оди во Обвинителството, но овој пат не да го истури гневот, туку да искаже благодарност до екипата која што успеала да го реши случајот.

„Јас многу сакам да се заблагодарам на оваа екипа од Обвинителство што го зема случајот од исчезнати лица. Огромно благодарам на обвинителката, знам дека е жена, сигурно е и мајка. Можеби се ставила на мое место. Македонија има потреба од вакви луѓе, сепак има професионалци кои си ја знаат и си ја сакаат работата, за разлика од оние од исчезнати лица кои земаат плата а ништо не работат“, вели Трпковска.

Мајката на Пино на социјалните мрежи постојано објавува слики од осомничените за убиството

Откако е решен случајот, Трпковска вели дека секоја вечер пред да си легне на екипата која ги фатила убијците на Пино им испраќа порака „Господ да ве благослови што дадовте мир и правда за моето дете“.

Мајката вели дека Пино не го познавал првоосомничениот кој пукал во него, а Ангела ја знаел како поранешна девојка на негов другар. Вели дека не може ниту да претпостави која е причината за убиството.

„Ангела никогаш не му била девојка на Пино, не знам зошто така пишуваат. Ангела Пино ја знае зашто е поранешна девојка на негов другар. Така ја има запознаено, од собирите со другарот. Доаѓала кај мене, јадела, спиела кај мене тука во Македонија во Скопје. На човек да му биде страв со кого се дружи, денес јаде во твоја куќа утре ќе те убие, еве ова е доказот“, вели мајката.

Скопското Обвинителството вчера побара притвор за 22-годишната Ангела против која веќе беше поднесена кривична пријава во врска со убиството на Пино. Таа се товари за кривично дело убиство затоа што знаела дека првоосомничениот има намера да го убие Секондо, како и затоа што му помогнала на првоосомничениот да го пренесат и да го сокријат телото на Пино во село Љуботен.

„Вечерта на 11 декември 2018 година, осомничената 22-годишна жителка на Скопје го повикала сега починатиот да се најдат кај насипот во Ѓорче Петров, иако знаела дека ќе им се придружи и првоосомничениот со намера да го лиши од живот оштетениот. Кога пристигнал прво осомничениот и со огнено оружје – пушка се заканил кон жртвата, сите тројца се упатиле со патничкото моторно возило кон атар во скопското село Арачиново. Откако пристигнале осомничените започнале вербална расправија со жртвата, по што првоосомничениот го застрелал оштетениот и го лишил од живот“, соопштија од Обвинителството.

Обвинителството утврди дека Ангела дала придонес за вршење на кривичното дело со тоа што го повикала Пино, била присутна во моментот на неговото убиство и учествувала во пренесување и криење на неговото тело во близина на село Љуботен.

Првоосомничениот Али Фуркан е во бегство и не е достапен за органите.

 

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Апелација и намали три години од казната на Ангела, осудена за убиството на Пино

Мајката на Пино бара доживотен затвор за осудената: Не застанувам тука

Кристијан Ландов

Повторно досудени 19 години за убиството на Пино, адвокатот на Ѓорѓиевска тврди дека е без докази

Кристијан Ландов

Мајката на Пино по одлуката на Апелација: Вода во пустина ќе најдеш ама правда во Македонија тешко

Кристијан Ландов

Укината 19-годишната затворска казна за убиството на Пино, Апелација одлучи дека има погрешно утврдени факти

Кристијан Ландов

Соизвршителката на убиството на Пино осудена на 19-годишна затворска казна

Кристијан Ландов