Д-р Михајлова: Се враќаат позитивни од одмори во Грција, Шпанија, Турција и од концерти, заразени со Ковид-19 се и вакцинирани и прележани

Од:

Матичните лекари алармираат за постојан раст на новозаразени со Ковид-19 во изминатите две недели. Денес Институтот за јавно здравје пријави 293 нови случаи од направени 1.254 тестови. Матичната лекарка Марија Михајлова од ПЗУ „Семед Марија Михалова“ вели дека во нејзината ординација бројот на новозаразени почнал да расте со почетокот на летната сезона.

„Бројките растат од самиот почеток на користење на годишните одмори, стари и нови, престој во туристичките места, поголемите собири, концерти. Последниве две недели е зачестена посетата на пациентите во амбулантите кај своите избрани матични лекари, а најголем дел од лицата кои се позитивни се вратиле од одмори во Грција, Шпанија, Турција и слично. Во клиничките слики доминираат симптоми на акутна горна респираторна инфекција, секако полесни форми од досегашните. Најголем број се реинфекции, лица кои во изминатиот период прележале Ковид-19 и се вакцинирани. За наша среќа, во моментов во јавното здравство ги имаме на располагање услугите како рендген, лабораторија за оние лица за кои ни се потребни“, вели лекарката Михајлова за „А1он“.

Таа апелира Комисијата за заразни болести да го искористи летниот период за подготовка на системот за наесен, кога очекуваат уште поголемо зголемување на новозаразените, а Министерството за здравство да се посвети на решавање на проблемите поради кои изминатите месеци штрајкуваа лекарите од примарното здравство.

„Она што нас нè загрижува е организацијата на системот за претстојната сезона есен – зима, кога очекуваме уште поголем раст на бројката на новозаразени, не само од Ковид-19 туку и од други сезонски вирусни инфекции. Сметаме дека летниот период треба да се искористи и Комисијата да подготви јасен план и насоки за да не се соочиме со претходните негативни искуства од системски аспект. Треба да биде јасно и дека ние лекарите од примарна здравствена заштита сме веќе со ограничени ресурси, економски, за да можеме да продолжиме повторно со истото темпо на работа неопходни се измени. До ден денешен ние лекарите од примарното здравство, ПЗУ, не сме добиле никаков надоместок ниту навидум се гледа визија како здравствените власти би продолжиле со нас. Апелот не е од индивидуалци како нас туку и од релевантните здруженија со кои Министерството за здравство формираше работни групи за пронаоѓање решенија, а од кои до денес нема апсолутно никаква информација“, објасни доктор Михајлова.

Од Комисијата за заразни болести на прашањето дали размислуваат за повторно враќање на некои од мерките за заштита од Ковид-19 одговорија дека утре ќе имаат став по константното зголемување на бројките на новозаразени.

„Утре ќе имаме состанок и потоа ќе информираме за тоа што е дискутирано на Комисијата за заразни болести“, кусо одговори доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Според досегашните известувања од Институтот за јавно здравје, кај нас сè уште се шири варијантата омикрон од вирусот, која најчесто не предизвикува големи здравствени компликации.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска