Најзначајниот проект кој ние ви го нудиме покрај безброј други проекти е слободна, демократска, напредна држава, рече вечерва претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски на трибина во Домот на културата во Кавадарци.
Им порача на кавадарчани дека во недела треба да гласаат за себе и за своите најблиски зашто тоа, рече тој, е најзначајната инвестиција.
– Во недела стартуваме со нула наспрема нула. Потребни ви се само 5 минути храброст за да ја донесете најважната одлука во вашиот живот од која подоцна нема да се срамите ниту пред самите себе, ниту пред вашите деца и блиски, рече Црвенковски.
Им честиташе за одлуката на тие што во првиот круг гласале за кандидатот од „Сојузот за иднината“ Бетиане Китев. Тој пред своите сограѓани рече дека владејачката партија залудно смета дека ги добила изборите во Кавадарци.
Според него, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за лозарството и придонела да се намали бројот на лозови насади. Китев вети подобар живот за лозарите и за сите граѓани во градот на виното и најави пониски комунални сметки ако во вториот круг ја добие нивната доверба.