Црвениот крст од Охрид ги започнува подготовките за претстојната туристичка сезона. Оттаму потенцираат дека ги мобилизираат сите свои капацитети за да може да одговорат на сите предизвици во текот на летната туристичка сезона.
Започна обука на повеќе од 40 спасители на води, која се одвива во Црвениот крст и ја водат меѓународни спасители на вода. Од 22 јуни започнува нова обука на нови техники на спасување, извлекување на давеници од чамец, која ќе ја водат инструктори о „Флоријан“ од Манчестер, Велика Британија, а во тие рамки ќе се одвива и обуката за прва помош која тие инструктори ќе ја даваат на територијалната противпожарна единица до Охрид и Струга, на припадниците на езерската и граничната полиција и секако на дел од спасителите и инструкторите на Црвениот крст Охрид – истакна Сашо Точко на денешната прес – конференција.
Тој нагласи дека на 28-ми јуни ќе бидат домаќини на спасители на вода од Црвениот крст од Бамберг, Германија со кои Црвен крст од Охрид интензивно соработува. Со нив ќе имаат заеднички активности во делот на безбедност на вода и на планина и во делот на прва помош. Со нив и со сите субјекти кои се надлежни да делуваат во ситуации на несреќи во Охридското Езеро и на капалиштата ќе имаат показна вежба што ќе се одвива на крајот од јуни, се со цел да се подигне нивото на комуникација на сите надлежни и во насока на подготвеност за делување.
Во однос на обезбедување на плажите, Точко нагласи дека дел од концесионерите имаат потпишано и договори и имаат започнато со обезбедување на сите неопходни услови кои се законски пропишани за обезбедување и обележување на капалиштата, но поголемиот дел од нив се уште не реагирале на нивните апели и повици.
Тука пред се мислам на обележување на плажите, на поставувањето на набљудувачници и секако на обележување и обезбедување на пунктовите за укажување прва помош и деловите каде што треба да интервенираат спасителите. Нашите служби и со опрема и со кадар се веќе подготвени. Спасителите се во полна кондиција и се подготвени да излезат во пресрет на сите барања на концесионерите. Црвениот крст е единствена организација којашто со закон е одредена да оспособува кадри за безбедност на вода и да организира безбедност на вода и спасување во туристичките региони. Концесионерите да не подлежат на никакви провокации. Тоа единствено во Република Македонија го прави Црвениот крст затоа што е единствена членка на Меѓународната асоцијација за безбедност на вода – нагласи Точко.
Точко потенцираше дека екипите на Црвениот крст од Охрид вчера успеале да спасат давеник во Поградец на Светскиот куп за акробатски параглајдеризам кој го обезбедуваат токму тие.
Два тима на спасители на вода до Црвениот крст Охрид со комплетна опрема го обезбедуваат Светскиот куп за акробатски параглајдеризам којшто до недела се одржува во Поградец, Република Албанија. Нашите тимови вчера имаа успешна интервенција на активен давеник. Спасија 12-годишно момче кое беше во публиката и го набљудуваше овој натпревар на педалинка. Се заврши добро, без никакви потрајни здравствени последици. Нашите тимови уште еднаш покажаа дека се подготвени да интервенираат и реакциите кои беа и од самиот организатор се навистина многу позитивни. Токму затоа планираат следното Светско првенство да го организираат повторно над водите на Охридското Езеро, но од македонска страна – рече Сашо Точко, претседател на Црвениот крст во Охрид.
На денешната прес – конференција. Точко истакна дека во текот на јули, Црвен крст Охрид ќе добие уште една донација од операцијата Флоријан од Франција. Тоа е спасителен чамец, што покрај трите чамци што ги има во Охрид, еден спасителен чамец ќе биде насочен во Струга, каде спасителите на Црвениот крст побрзо ќе може да интервенираат.
Горд сум на екипата на спасители што ја имаме која брои над 250, а со обуката ќе биде зголемена за уште 30 до 40 спасители на вода. Апел до сите што имаат потреба од нашите услуги да се обратат до Црвениот крст, да се договориме на кој начин и како треба да бидат уредени плажите. Во рамки на Црвениот крст имаме и проценители за плажи кои по сите стандарди на Меѓународната федерација за безбедност на вода ќе ги предвидат местата каде што треба да делуваат спасителите, како треба да биде обележана плажата, каде треба да бидат набљудувачниците и се она што гарантира безбедност на капачите – заврши Точко.
Ф.Ј.