Работилница за изработка на план за превенција од туберкулоза во рамки на проектот „ДОТС интервенции во Република Македонија“ одржа денеска во Велес Црвениот крст на Република Македонија во соработка со Општинската организација од тој град.
Претставникот на Црвениот крст, Анета Тргачевска изјави дека целта на работилницата беше да се даде придонес во целокупните напори и активности кои се преземаат на национално ниво во креирање и спроведување на активностите за контрола на туберкулозата.
– На оваа работилница со претставниците на јавни здраствени установи, на локалната самоуправа и на Советот на општината и политичките партии, ние заеднички разговаравме за мерките и активностите кои понатаму ќе се преземат за превенција и туберкулозата на локално ниво, потенцира Тргачевска.
Таа воедно алармира до надлежните дека до крајот на месецов истекува програмата за превенција од туберкулоза која во Македонија во изминатите години ја финансира Глобалниот фонд за превенција, а до крајот на јуни годинава истекува и програмата за превенција од ХИВ/СИДА.
Затоа, посочи таа, и преку овие работилници кои ги организираме во повеќе градови во земјава целта ние да се договориме со локалната власт, програмите за превенција да продолжат и понатаму барем на локално ниво.
– Само да потсетам дека ако еден долар се вложи во програмата за превенција тоа е повеќепати помалку отколку што потоа е потребно да се издвојат средства за лекување на болните од туберкулоза. Затоа и превенцијата и едукацијата на населението е многу важна и мора и понатаму да продолжи оваа програма за превенција од туберкулоза и други болести, а што ја спроведува Црвениот крст на Македонија со останатите чинители и субјекти, додаде Тргачевска.