ЦРМ: Продолжува трендот на тужби против новинари за навреда и клевета

Од:

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), покрај тоа што им обезбедува правна помош на новинарите, континуирано ги мониторира и сите судските постапки за навреда и клевета кои се однесуваат на новинари, уредници и медиуми.

„Во првиот квартал од 2015 година, ЦРМ следеше 33 судски предмети на 68 рочишта. Од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012 година, до сега, завршени се 51 случаи за навреда и клевета против новинари, но поголемиот дел од пресудите сè уште не се правосилни односно во тек е жалбена постапка пред Апелациониот суд.

Мониторингот на ЦРМ, покажува дека пред Основниот суд во Скопје, во првите три месеци од оваа година, поведени се 26 нови предмети за навреда и клевета, од кои дури половината, се однесуваат на новинари и на медиуми. Оваа бројка од 13 нови судски предмети за само три месеци, го потврдува трендот на континуирано поднесување тужби за навреда и клевета против новинарите односно го потврдува фактот дека новинарството е професија која најчесто се среќава низ судските постапки.  Исто така, овој тренд, но и досегашната пракса, покажуваат дека судовите и судските постапки за навреда и клевета се еден од најчесто користените механизми за притисок врз новинарите и нивната работа.

Центарот за развој на медиуми констатира и тренд на поднесување тужби на новинари против новинари. Драган Павловиќ Латас, во текот на 2014 година, на пример, поднесе низа тужби против новинари и медиуми, и тоа за пренесување информации од прес-конференција на политичка партија, поврзани со аферата Висарис. Во првиот квартал од 2015 година, Основниот суд Скопје 2 Скопје, го одби тужбеното барање на Драган Павловиќ Латас против Бранко Героски, како неосновано. Ваквата одлука на судот претставува добар пример за тоа како судовите треба да ги штитат слободата на информирање и слободата на изразување.

Во првиот квартал од 2015 година, правосилно се завршени само 3 предмети. Апелациониот суд ги потврди одлуките на Основниот суд и според Центарот за развој на медиуми, се придржуваше до Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Европската конвенција и праксата на Судот во Стразбур. На ваков начин судовите воспоставуваат добра пракса која треба да ја применуваат во сите судски постапки односно и во постапките во кои се инволвирани политичари и функционери од власта. Досегашниот мониторинг на ЦРМ, покажува дека судиите правилно постапуваат единствено во судските случаи во кои нема политичари од власта, а целосно потфрлаат и користат двојни аршини во случаите кога се инволвирани функционери и претставници на владејачките партии.

Центарот за развој на медиуми, во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, постојано ги набљудува судските постапки, поведени според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред Основниот суд Скопје 2 Скопје“, се вели во соопштението на ЦРМ.

Би можело да ве интересира

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата

Заврши рокот за пријавување на печатените и електронските медиуми за платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања

Поразот на Украина може да доведе до колапс на земјата и граѓанска војна

Филков: Без слободата на медиумите нема вистина, правда и одговорност

АВМУ: Вештачката интелигенција е голем предизвик за професионалните и независни медиуми

Владата апелира медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите да ги повлечат