„Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека последниот случај на неовластено одземање на новинарски материјали и бришење на снимени видео и фотографски материјали што новинарките Сашка Цветковска од НОВА, Марија Митевска од Слободна Европа и Мери Јордановска од Фокус ги снимиле на завчерашните немири во скопската населба Ѓорче Петров, претставуваат нов обид за ограничување на слободата на информирање.
Потсетуваме дека одземањето на новинарски материјали – видео и фотографски снимки и текстови – може да го наложи само надлежен суд со соодветна судска одлука.
Исто така, загрижуваат наводите дека од полициските службеници на новинарките им било сугерирано, со недоличен јазик, дека не им е местото да известуваат за немирите.
Новинарите имаат право и професионална обврска да известуваат за сите настани од јавен интерес, вклучувајќи ги и протестите и демонстрациите. ЦРМ смета дека е неспорно дека немирите во Ѓорче Петров се прашање од јавен интерес и дека јавноста има потреба да биде информирана за тој настан.
Очекуваме Секторот за внатрешна контрола на МВР да спроведе итна истрага за инцидентот и, доколку се утврди одговорност за кршење на правата на новинарките да информираат за настанот, да спроведе соодветна постапка против прекршителите“, се вели во соопштението на ЦРМ.