„Вчера во Куманово на 52-годишна возраст почина лицето И.С вработен во Министерството за внатрешни работи како полициски службеник на граничниот премин Белановце. Според информациите кои во текот на вчерашното попладне ги добив од колегите, станува збор за лице кај кое во изминатиов период е детектирано присуство на коронавирусот. Во оваа прилика сакам во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам најдлабоко сочувство за загубата пред се до неговото семејството, а истовремено да искажам и почит кон неговата работа и дело, сите ние во Министерството за внатрешни работи изгубивме почитуван колега , пријател и вработен кој несебично даваше активен придонес во справување со секојдневните предизвици меѓу кои и предизвиците поврзани со ширењето на коронавирусот“, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот профил на Фејсбук, а по посетата на СВР Куманово.
„Основна задача и прироритет на Министерството за внатрешни работи во овој период е заштита на животот и здравјето на граѓаните, а имајќи ги предвид последните податоци кои покажуваат зголемен број на лица кај кои е потврдено присуство на коронавирусот, но и бројката на починати лица сакам да нагласам дека како министер за внатрешни работи инсистирам полициските службеници да постапуваат поригорозно во преземањето на активностите со кои го гарантираат соодветното спроведување на мерките и одлуките на Владата, а со тоа уште еднаш ќе ја потврдиме нашата заложба дека здравјето и животот на граѓаните се најважни“, напиша Чулев.