„Човекови права 365 дена во годината“ е мотото под кое годинава се одбележува 10 Декември – Меѓународен ден на човековите права.
Како што се наведува во соопштението од Народниот правобранител на РМ, фундаменталните постулати на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и прaвата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место. Заедничките вредности треба да ги делиме сите заедно без никакви задршки, ограничувања и препреки. Затоа што на таков начин ќе успееме да бидеме еднакви и рамноправни и подеднакво да ги уживаме слободите и правата.
– Денеска, на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, мотото не потсетува дека секој ден треба да се заложуваме за нивна практична реализација, согласно највисоките стандарди за човековите права. Незадоволните граѓани кои секојдневно ја посетуваат институцијата Народен правобранител, маргинализираните и ранливите групи, граѓаните кои секојдневно се соочуваат со прашањето на егзистенција, човековите права ги гледаат како нешто апстрактно и далеку од нивниот секојдневен живот.
Денешниот ден нека биде повод да помислиме на сите граѓани на кои им е ускратено правото на слободен живот, на децата и нивното право на топол дом, на жените, старите лица, на лицата на кои им е неопходна помош и поддршка и на оние кои немаат храна или пристап до питка вода. Вестите за војните кои се водат, за бранот бегалци, за лица кои по цена на спасување на сопствениот живот ги напуштаат своите домови и талкаат низ светот, потврдуваат дека не секаде и не сите луѓе ги уживаат човековите права. Ова подеднакво не загрижува и нас бранителите на човековите слободи и права кои овој ден треба да бидеме меѓу најгласните во поддршката на мотото „Човекови права 365 дена во годината, стои во соопштението.
Годинава, се посочува, овој 10 декември се слави и како јубилеј 30 години од донесувањето на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување.
– Тоа е уште еден повод за упатување апел кон сите државни органи и сите други чинители во општеството, докрај да ги спроведат и да ги почитуваат одредбите од оваа Конвенција, од едноставна причина што секој, па и лицата кои се лишени од слобода заслужуваат хуман третман и почитување на нивното достоинство. Хуманоста е човечка доблест. Треба да ја покажеме и несебично да се заложиме за еднакви права и пристап на сите граѓани, без дискриминација, стои во пораката од Народниот правобранител.