Човекот кој од вчеравечер чекаше по болничките ходници во лоша состојба, конечно е хоспитализиран

Од:

65-годишниот Сафет Шакир чие семејство од вчера вечерта се обидуваше да го смести во некои од ковид-центрите во Скопје, поради влошена здравствена состојба како последица на Ковид-19, конечно е хоспитализиран на Клиниката за кожни болести, информираше неговото семејство за „А1он“.

Тој вчеравечер со сатурација 80 (кислород во крвта, кој не е пожелно да се симне под 95) и со тешко дишење бил донесен на Инфективната клиника, од каде што информирале дека е потребна негова хоспитализација, но дека на клиниката нема место. Слободни места немало ниту во приватната болница каде што му бил детектиран коронавирусот.

Обид бил направен тој да се смести во ковид-центарот на Клиниката за неврологија и во ГОБ „8 септември“, но и таму семејството било одбиено, по што морале да го вратат дома.

На Шакир, кој инаку е дијабетичар, со срцево заболување и вграден пејсмекер, утринава состојбата му се влошила. Била повикана Брза помош, а семејството и пациентот пристигнале во комплексот клиники „Мајка Тереза“ и со часови чекале по болничките ходници во обид да најдат кревет.

Од Клиниката за неврологија, каде Шакир и неговите синови чекаа со часови, тој беше препратен на Клиниката за трауматологија. По долготрајно чекање на клупата во ходникот на клиниката, тие повторно беа вратени на Клиниката за неврологија.

„Избезумени сме. Ве молам упатете не каде да се јавиме, каде да го сместиме. Човекот не може да дише“, молеше неговиот син Арет.

По неколку часа, за 65-годишниот скопјанец беше најден слободен кревет на Клиниката за кожни болести.

По обелоденувањето на овој случај, до нашата редакција пристигнаа голем број поплаки од граѓани кои се обидуваат да најдат болнички кревет за нивните блиски кои имаат лоша клиничка слика како последица на Ковид-19.

„Не може да се најде кревет, ниту со врски, ниту без врски. Едноставно, се е хаотично, докторите се растрчани, на телефонските броеви не се јавува никој, разбираме дека има наплив од пациенти, но сепак секој за грижи за својот најблизок. Дома немаме што да му правиме на човек во лоша здравствена состојба, а брзата помош доаѓа само ако е обезбеден кревет во болница“, сведочат дел од граѓаните.

Според последните податоци од Министерството за здравство, утрово до 8 часот имало 50 слободни болнички кревети во Скопје. Оттаму велат дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1082, а има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите низ Македонија.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска