Новиот директор на Клиниката за Токсикологија, Андон Чибишев информираше дека 18-те спорни вработени кои беа без валидни договори за вработување веќе не доаѓаат на работа. Вели дека тие незаконски биле дел од институцијата, а со тоа што добивале плата оштетен е и буџетот. Целата документација околу овој случај вели ја предале на належните органи.
– Буџетот на Клиниката е оштетен за околу 650 илјади денари. Секој денар ни е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесуиран пред надлежните институции, кажа новиот директор на прес-конференција со медиумите, додавајќи дека повеќе нема да има „каубојски“ вработувања и ќе се вработуваат сите според законите на државата, односно преку конкурс.
Чибишев информира и дека претходната економска директорка Бесија Иљази „не му оставила големи проблеми“.
-Добро е што е сменета и си отишла дома. Не сакам веќе да мислам и да се занимавам со минатото затоа што ќе ми помине мандатот во занимавање со тоа што се случувало седум години, рече новиот директор.
Тој објасни дека Клиниката има голем недостиг на кадар од сите профили и тоа е прашање како што рече кое мора да биде решено најитно за да можат да одговорат на потребите на пациентите. Чибишев вели дека просечната возраст на докторите на Токсикологија е над 50 години и дека важно е да дојдат млади кадри.
Чибишев вели дека новото раководство на Клиниката нема да се занимава со реваншизам, прогон на неистомисленици и со правење опструкции. Најави дека нивен приоритет ќе биде подобрување на условите на Клиниката за работа, набавка на нова медицинска опрема, воведување нови протоколи на лекување и подобрување на комуникацијата со медиумите и останатите здравствени институции.