Четврта „среќа“ за либерализација на поштенскиот пазар

Од:

Пазарот на поштенски услуги во Македонија од 1 јануари треба да биде целосно либерализиран. Така е пропишано со сегашните одредби на Законот за поштенски услуги кои предвидуваат укинување на резервираната област за пратките до 50 грама. На неполни два месеца пред тој рок, Македонска пошта како носител на монополот во резервираната област, бара повторно, четврто одложување на либерализацијата, а ресорното Министерство се уште анализира дали да го прифати барањето или пак ќе овозможи целосна либерализација на пазарот. Во истовреме регулаторот, Агенцијата за пошти, како и приватните поштенски оператори, бараат либерализиран пазар.

– Министерството за транспорт и врски е во завршна фаза со изготвување на анализата во однос на прашањето поврзано со либерализација на поштенскиот пазар, обврска која треба да почне во 2019 година. Ќе се согледаат сите позитивни и негативни аспекти од овој процес и ќе се постапи согласно резултатите од анализата, велат од Министерството за транспорт.

Резервираните поштенски услуги опфаќаат прием, пренос и врачување на пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама. Ексклузивитетот за резервираната поштенска услуга се однесува на цената.

Македонска пошта смета дека нема услови за либерализација

Од „Македонска пошта“ сметаат дека е неминовно продолжување на ексклузивното право за обезбедување на резервираните поштенски услуги затоа што се уште не се создадени услови на пазарот за поштенски услуги и што целосната либерализација препорачана со третата директива – 2008/06/ЕС е обврзувачка за земјите членки на ЕУ.

Како што изјавија, ваков модел во поштенското работење примениле и другите држави од регионот, вклучително и Хрватска каде за разлика од останатите земји членки на ЕУ либерализацијата настапи со нивното полноправно членство. Во овој контекст ја посочуваат и Србија како земја од регионот која исто како и Македонија не е членка на ЕУ и дури сега и претстои либерализација на поштенскиот пазар за пратки над 50 грама, која во државава се спроведе со Законот за поштенските услуги од 2010 година, а следниот чекор кон целосна либерализација предвидува со влегување на земјата во ЕУ.

– Со оглед на фактот што либерализацијата овозможува остварување на целта за создавање на внатрешен пазар на ЕУ според единствени услови и начини на функционирање за членките, сметаме дека ефектите од либерализација на поштенскиот пазар ќе бидат почувствувани дури со влезот на земјата во ЕУ, а предвремено целосно либерализирање само би влијаело на создавање на нерамноправна положба на сите учесници на пазарот пред се заради обврската за обезбедувањето на универзалната услуга на целата територија под еднакви услови за сите корисници од страна на давателот на универзална услуга односно од страна на АД „Македонска пошта“- Скопје, велат од поштенското претпријатие.

Поштенскиот пазар во Република Македонија е делумно либерализиран односно постои резервиран дел за давателот на универзална услуга за пратки за кореспонденција до 50 грама со ексклузивно право за давателот на универзална услуга само во однос на цената. Ексклузивното право, велат од Македонска пошта, не ги исклучува останатите оператори на поштенскиот пазар во извршување на овој вид услуги. Тие имаат право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга носител на индивидуална дозвола ги обезбедува пратките од резервираниот дел.

-АД „Македонска пошта“- Скопје врз основа на индивидуална дозвола од Агенцијата за пошти е лиценциран давател на универзална услуга за целата територија на Македонија. Резервираната услуга треба да му овозможи на давателот на универзална услуга – носител на индивидуална дозвола стабилни извори за финансирање на обврските кои произлегуваат од обезбедувањето на истата на целата територија на Македонија под услови превидени во Законот за поштенските услуги и одржување на постојната мрежа, во услови на не постоење на законски регулиран компензациски фонд, информираат од МП.

Приватните оператори бараат еднакви услови на пазарот

Наспроти ваквиот став на „Македонска пошта“, Александар Милошевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, вели дека компaниите кои работат во секторот поштенски услуги во рамки на ССК очекуваат и веруваат дека ќе се случи најавената либерализацијa, со оглед на сериозните забелешки во извештаите на Европската Унија за монополизација на поштенскиот пазар.

– Со либерализацијата на пазарот на поштенски услуги ќе се отвори можност да се работи согласно европските стандарди, во духот на слобода на пазарот и развој на претприемништвото. Тоа ќе значи работа под еднакви услови на поштените оператори, подобар пристап до поштенските услуги, следење на светските трендови во областа, прилагодување на регулативата за што поголема конкурентност кај поштенските оператори, а секако тоа ќе значи и повеќе вработувања и развој на приватниот сектор, изјави Милошевски.

Дополнително, како што укажува, со самата либерализација се отвора можност за влез на домашниот пазар на реномирани меѓународни пошти со долгогодишно искуство кои ќе придонесат за подигнување на стандардите за работа на компаниите од дејноста. Тие ќе промовираат нови алатки кои треба да ја зајакнат поштенската услга, како понуда на услуги кои ќе бидат посебно прилагодени кон клиентите – од флексибилните можности за испорака на документи и пратки, до опцијата за маркетинг на производи како што се автомобили или електроника до одбрани потрошувачи како и новините кои се имплементираат во светот. – Покрај сите овие достигнувања, апсурдно е во 21 век да зборуваме за постојано доцнење на пратките, забележува Милошевски.

Регулаторот повторно препорачува либерализација

Директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасовски, пак, изјави дека како регулаторно тело остануваат на ставот за целосна либерализација, но оти воден од досегашното искуство не е сигурен дека повторно нема да се случи уште едно одложување. – Агенцијата за пошти како независно регулаторно тело во неколку дописи до министерот за транспорт и врски, премиерот и вицепремиерот за економија, инсистираше на усогласување на ставовите во однос на целосната либерализација на пазарот, но за жал освен две речиси неформални средби не добивме никаков официјален одговор од страна на Владата (која е 100 проценти сопственик на Македонска Пошта) во однос на намерите за целосна либерализација на поштенскиот пазар, изјави Атанасовски.

Тој укажува целосна либерализација во услови на пазарна економија може да придонесе за повисок квалитет на услугите, поголема конкуренција, трансформација на националниот поштенски оператор и преструктуирање на приходното портфолио од приходи кои во целост зависат од традиционалните поштенски услуги, кон приходи кои се остваруваат од современите интегрирани поштенски услуги. Тука, наведува, се вклучени финансиски услуги, достава на пратки од он-лајн трговија, дигитализација и модернизација на внатрешните технолошки процеси во Македонска Пошта и преструктуирање на претпријатието во насока на подигнување на вредноста по која може да се финишира процесот за приватизација на Пошта, кој неминовно ќе треба да се случи.

– Сегашната состојба на пазарот е многу нетипична и во европски рамки. Имаме состојба на пазарот во која пазарниот удел на Македонска Пошта е над 90 проценти од вкупниот годишен обем на пратки (кој изнесува околу 50 милиони пратки) од кој удел преку 90 проценти отпаѓаат на традиционалната поштенска комуникација која изумира и која заради обврските за обезбедување на универзалната услуга по еднаква цена на територијата на целата земја на Македонска Пошта и создава загуби. Бидејќи приходното портфолио речиси во целост зависи од овие пратки кои во светски рамки заради електронската супституција и онака опаѓаат со темпо од 7-11 проценти на годишно ниво, Македонска Пошта создава загуби (заради законите на економијата на обем) зашто не успеа да го диверзифицира своето портфолио во профитабилните области како што се доставата на пакети од он-лајн трговија, експресните услуги или комбинираните финансиски услуги за клиентите, вели Атанасовски.

Тој верува дека 30-тината приватни оператори препознавајќи го потенцијалот кој постои на македонскиот поштенски пазар ќе издржат во определбата да бидат лидери на иновациите. Како пример, посочува на иницијативи од неколку нови компании кои се подготвуваат за влез на пазарот со иновативни решенија за on- demand сервиси со можност за следење на сите пратки во внатрешниот сообраќај. Тоа практично би било решение за достава кое нема да има загубена или задоцнета пратка.

Според анализите на Агенцијата за пошти, од целосната либерализација ќе нема големи пореметувања на пазарот. Во насока на подобрување на состојбите се нивните предложените измени на Законот за поштенски услуги од пред повеќе од една година за кои нема конкретен одговор. Со нив, како што вели Атанасовски, и без оглед на одлуката за продолжување на монополот се отвора вратата за влез на една од најголемите компании за поштенски услуги во Европа во Македонска Пошта, како и за отворање на фулфилмент центар во Македонија на една од најголемите светски компании за он-лајн продажба и достава на пратки од он-лајн продажба. Тоа би била директна инвестиција вредна 100-тици милиони евра и неколку илјади вработувања во еден циклус од четири до пет години.

Поштенската мрежа на АД „Македонска пошта“ – Скопје е составена од 334 поштенски единици, 374 поштенски сандачиња, 6539 поштенски преградоци преку кои се врши испорака на поштенски пратки, три изменични пошти, една пошта за царинење, еден главен центар, 14 дистрибутивни центри, 918 доставни реони од кои 411 во урбани и 507 во рурални средини, како и соодветни поштенски средства и опрема, 2244 вработени од кои 1827 ангажирани во обезбедување на услугите и 768 пошторазнесувачи..

Останатите 30 даватели на поштенски услуги согласно статистичкиот извештај на Агенцијата за пошти за 2016 година располагаат со 99 поштенски единици и 711 вработени.

Сложени процедури за рекламации и неинформирани корисници

Како што оценува регулаторот, бројот на поднесени рекламации не соодветствува со нивото на задоволство на корисниците ниту со реалниот квалитет на услугите поради сложеноста на процедурите за рекламации и релативната неинформираност на корисниците за постоењето на Агенцијата како второстепено тело.

Годинава во Агенцијата за пошти се евидентирани 30 предмети по претставки и приговори, 22 од физички лица, а останатите од правни лица. Најчесто корисниците на поштенските услуги се жалат на доцнење на препорачани пратки, губење на писма и пакети и на несоодветна достава на пратки кои се доставуваат по процесни закони од судови, извршители, нотари и од дрѓавни органи. Многу од информациите кои се добиваат од корисниците на поштенските услуги се користат за планирање на надзорот врз поштенските оператори. Таква една информација е земена во предвид од страна на Агенцијата по што годинава, овластените лица на Агенцијата извршија инспекциски надзор кај лиценциран давател на поштенски услуги. При надзорот се констатирани прекршоци, издадени се прекршочни платни налози за правното лице и одговорното лице во правното лице и против овој субјект ќе биде поведена прекршочна постапка пред надлежен суд.

Би можело да ве интересира

Еден шеф на еден работник во Пошта: Поштари нема, но администрацијата е преполна

Орце Костов

Двочасовен протест утре во националната Пошта

Горан Наумовски

„Купувајте загубени пратки за само 123 денари!“: На интернет си поигруваат со АД Пошта

Орце Костов

Eко Логистик Сервис пошта број 1 во нашата држава покажа анализа од Агенција за пошти

Предраг Петровиќ

Од пошта украдени пари, поштенски марки и други предмети

„Еко Логистик Сервис“ е лидер во сите категории за национална брза пошта за 2022 година

Орце Костов