Во манастирот кај Крива Паланка чија црква го носи името на Пресвета Богородица, чествувањето на Успението на мајката Божја почна утринава со света божествена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Кумановско-Осоговски г. Јосиф.
Од Кривопаланечкото архиерејско намесништво информираат дека во манастирот се е подготвено за пречек на гостите, верниците и добронамерници кои веќе пристигнуваат во храмовите од сите краеви на земјава и соседството. Истакнуваат дека во конаците на манастирот има сместувачки капацитети, над сто легла каде можат да престојуваат верниците и да уживаат во духовниот мир на комплексот сместен во прекрасната природа на Осоговието.
Чествувањето продолжува со вечерната литургија во 18 часот, а утре во манастирот ќе се служи Утрена на преподобен Јоаким Осоговски, со почеток во осум часот и во 10 часот и 30 минути ќе се одржи водосвет со благословување на славските колачи, во дворот на манастирот.
На 29 август се чествува споменот на свети Јоаким Осоговски, пустиножител и светец, кој е патрон-празник на Крива Паланка.
Од општина Крива Паланка информираат дека утре е неработен ден во општината и оти се очекува градот да го посетат илјадници туристи од земјава и странство, кои доаѓаат на големиот црковно-народен собир во манастирот.
– Овој ден е прогласен за неработен за фирмите, установите, јавните претпријатија и останатите институции согласно Одлуката од 26 август 2011 година, донесена од страна на Советот на општина Крива Паланка, информираат од локалната самоуправа.
Утрена и Божествена литургија за Успение на Пресвета Богородица се одржа и во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“ во Крива Паланка, „Св.великомаченик Теодор Тирон“ во село Конопница и во храмот „Св.Никола“ во село Псача.
Во манастирскиот комплекс денеска ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција која ќе ја реалзиира општинска органзиација на Црвениот крст од Крива Паланка.