Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски по повод Раѓањето Христово – Божик упати честитка до претседателот на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев и до сите верници на таа црква.
– Божик претставува најрадосниот празник меѓу христијаните, денот кога најмногу треба да бидеме со мислите и чувствата со Бога и да се радуваме на Неговите дела. Кога се празнува Бога се празнува моралот, вистината, добрината. Ова се вредностите по кои секој човек треба да се движи во својот развој, во својот духовен пат. Искушенијата и предизвиците не треба да не натераат да се откажеме, ниту пак да ни ја ослабат верата, туку напротив тие треба да не зајакнат во своите дела, да не прават посилни во верувањето и исправноста во она што го правиме, се вели во честитката на Груевски.
Божик, се наведува во честитката, е и празник на семејството, моменти на хармонија и радост со блиските и време кога се празнуваат вредностите кои не врзуваат, соживотот, толеранцијата, милосрдието и взаемното разбирање, празник кој е вдлабоко вкоренет во традицијата на луѓето од овие простори.
– Вам, како и на сите верници од Евангелско-методистичката Црква во Република Македонија, Ви посакувам добро здравје, среќа и напредок. Бидете благословени и нека Ви е честит големиот христијански празник. Нека ни е за многу години празникот! Христос се роди – Навистина се роди!, стои во честитката на премиерот Груевски.