Три дена се чека оставката од човекот кој ја „зароби“ и „приватизира“ обвинителската дејност. И јавноста и експертите и меѓународната јавност работата на Марко Зврлевски ја оценуваа како пристрасна и селективна, и затоа не оставка, туку разрешување се неопходни за почеток на неопходните реформи.
На 24 јануари 2013, тогаш новиот јавен обвинител Марко Зврлевски пред тогашниот претседател на Законодавниот дом Трајко Вељаноски се заколна дека при вршењето на функцијата Јавен обвинител ќе работи согласно Уставот, законите и ратификуваните договори, дека ќе постапува непристрасно, совесно и стручно.
Вака вети Зврлевски и веднаш замина на Ромскиот бал. Со Мијалков, Груевски и Амди Бајрам „договараа“ како побрзо да ја подобрат општествената положба на јавните обвинители, да ја унапредат работата на јавното обвинителство, како што беа приоритетите на Зврлевски.
Но по четири години како шеф на обвинителите, ќе остане запаметен по ниту еден решен случај за кој не доби амин од власта.
Марко Зврлевски гледаше и слушаше што сака, или што ќе му кажат дека треба да види и слушне. Прислушуваните разговори од „бомбите“ за него не беа повод да покрене обвинителен акт, а обвинителството е должно да постапува и по допрен глас.
Но затоа, се отвори предметот против Заев бидејќи барал од Груевски да си замине од премиерската функција. И тоа врз основа на прислушуван разговор во премиерскиот кабинет. За него не беше важно кој наредил да се постават уреди за следење за тогашниот опозиционер Заев и како и кој го доби и објави разговорот.
Прислушуван разговор го донесоа Заев на обвинителна клупа за „Поткуп“, но не и стотици разговори на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ за апсење политички неистомисленици, поткуп, изборни измами, криминални ДУПови, провизии. Поради неработењето и селективното постапување, поради замижувањето на криминалите на власта беше формирано СЈО на чело со катица Јанева. Тука започнуваат главоболките на Зврлевски и Аневски како да удоволат и да ја закочат и дезавуираат во работата.
„Јавното обвинителство на Република Македонија е концепирано со закон, не сме политичко обвинителство. Со политички договор е формирано специјалното обвинителство и затоа го сметам за политичко“, изјави Зврлевски, истиот државен обвинител кој треба да каже со какви притисоци Ѕвонко Костовски го призна „Пуч“ за што доби минимална казна затвор, и е натеран да признае дека кој би можел да каже колку месеци и колку долго го чуваше Барањето за заштита на законитоста за пресудата (спогодбата) во фиока.
Зврлевски се споменува и во прислушуваните разговори кои ги објави Заев, кој посочи дека се слуша како Јанкулоска мести одлука за Ставрески кај Зврлевски.
За обвинителите на Зврлевски снимките од „Крвавиот четврток“ и обидот за убиство на дел од пратениците беа само учество во толпа, и сега под притисок на јаноста ќе се преиспитува целиот случај.
Јавното обвинителство кое е под капата на Марко Зврлевски потврди дека води контра постапка за нелегално финансирање на кампањата против СДСМ за изборите одржани во 2016 година, веднаш откако СЈО отвори предмет за финансирање и донации во ВМРО ДПМНЕ.
И додека поголемиот дел од судиите и обвинителите молчеа, медиумите реагираа за кадровската политика на Зврлевски. Послушност, блискост со владеачката номенклатура, беа често критериум за прием. Лојалноста на потребните се купуваше со назначувања, унапредувања, па и незконска висина на плата, како во случајот со Гешковска. Таа беше избрана како раководител на ОЈО, а примаше плата како да е во Државното обвинителство. Сложно со Петре Аневски сакаа да се ослободат и да пензионираат 30 „непослушни“ обвинители. Иако судот им ја оспори одлуката и пресече дека е незаконска, тие си тераат по свое. Непослушните им пречеа, но не и Зоран Сулејманов, кој три месеци кога требаше да замине во пензија, незакоски учествува и гласа во Советот на јавни обвинители, и тоа пред очи на Зврлевски како член на Советот.
На крајот не успеаја со Аневски во Советот на јавни обвинители да ги протуркаат своите кадри, меѓу нив и неговата шефица на кабинет без ден обвинителска дејност да ја смести во Вишото обвинителство. Дел од членовите му се спротивставија и немаа кворум за седница, па мнозинство за изгласување на дневниот ред.Но, сепак, тие упорно продолжуваат до последен момент ова да го туркаат.
Иако случајот е на СЈО, Зврлевски до Врховен суд достави БЗЗ за укинување на притворот на Сеад Кочан, кој до денот кога Вангелов успеа да „стокми“ совет, беше во бегство.
Затоа, во законска процедура, треба да се побара разрешување на Зврлевски, преку собраниска дебата јавно да се проговори за работата на обвинителството и за улогата на Марко Зврлевски. Има многу докази дека неговата смена ќе биде поради непостапување или партиско постапување. Смената на Марко Зврлевски нема да биде партиска, и најмалку смее да се претставува дека бил партиска жртва.