Чавков во Куманово: Безбедносните сили не затаија

Од:

Новиот министер за внатрешни работи Митко Чавков и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли во четврток ја посетија кумановската „Дива населба“, каде што на 9 и 10 мај дојде до судир меѓу полицијата и вооружена група од Косово и Македонија.

Чавков, Бејли и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски имаа заедничка средба во СВР Куманово.

Чавков за првпат даде изјава за медиумите откако е назначен за министер, на местото на поранешната министерка, Гордана Јанкулоска.

Тој оцени дека Куманово е безбедно и дека инцидентот што се случи во кумановската „Дива населба“ е изолиран настан од поединци и криминални групи кои не наишле на поддршка од локалната заедница.

„Јас ви гарантирам како министер за внатрешни работи дека полицијата многу интензивно, многу проактивно ќе работи на благовремено индентификување на евентуални закани и реагирање на таквите закани“, истакна Чавков.

Според него, македонските безбедносни сили не затаија во случајот со Куманово.

„Безбедносните сили не затаија затоа што откако добивме релевантни информации ние развивме мерки и активности за анализа на тие информации и соодветно постапување по информациите. Развивме соодветни планови за оперативна акција, планови за управување со ризици и ефектот од тоа беше елиминирање на криминално-терористичката структура што беше во Куманово“, рече министерот за внатрешни работи.

Амбасадорот Бејли рече дека денеска дошол во Куманово да им даде поддршка на полицијата, граѓаните и на градоначалникот по настанот од 9 и 10 мај.

„Дојдов за настанот во Лопате, но не можев да го одминам Куманово и да им дадам поддршка на полицијата, граѓаните и градоначалникот кои пред две недели преживеаја значајна драма, но и за заложбата и животите кои ги дадоа храбрите полицајци. Најзначајно е тоа што покрај тоа низ што минаа, граѓаните останаа и се држеа заедно и ја отфрлија идејата дека ова е етнички конфликт и дека насилството е прифатливо за нив. Мислам дека тоа е многу значајна порака. Тука сум да ја да ја изразам мојата загриженост во име на пријателството на САД и да поразговарам со локалните водачи со цел да се зачува атмосферата во населбата која владеела и порано“, изјави американскиот амбасадор Бејли.

Кумановскиот градоначалник Дамјановски рече дека министерот за внатрешни работи Чавков најавил соработка и посета на општина Куманово.

„Министерот Чавков даде едно упатство дека во наредниот период ќе има соработка со локалната самоуправа и ќе ја посети општината. Ќе му ги изнесам моите видувања за состојбите и начинот како да ги надминеме. Но, и за она што ние како општина го подготвуваме да помогнеме на семејствата на загинатите полицајци како донација“, изјави Дамјановски.

Би можело да ве интересира

Приведен 48-годишник од неготинско село за напад врз малолетниот внук

Сакале да крадат од зградата која гореше во Чаир, приведени двајца

МВР поднесе кривична пријава против Стевчо Јакимовски за незаконска легализација на тениски игралишта

ВИДЕО: Кривична пријава за злоупотреба на службена положба за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта

Кривична за екс директорот на затворот во Струмица: Пуштал да се шетаат затвореници кои немале право на привилегии, манипулирал со документацијата

МВР бара помош од граѓаните: Кој има информација за Марк Јорис веднаш да не алармира