Министерството за здравство е фокусирано на повеќе реформи за унапредување на здравјето и здравствената заштита на сите пациенти низ државата, рече заменик министерот Гоце Чакаровски денеска во Кавадарци, на одбележувањето на 7 Април, Светскиот ден на здравјето.
Тој наброја неколку клучни реформски приоритети чија реализација е во тек. Намалени се, посочи, максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 иновативни лекови. Намалувањето на максималните цени, нагласи, доведува до намалување и на големопродажните и малопродажните цени на лековите, кои важат од први, овој месец.
– Најмалку еднаш годишно ќе ја прошируваме позитивната листа на лекови со нови генерации на лекови.Овозможивме ослободување од плаќање здравствена партиципација за децата од семејства-корисници на социјална парична помош при користење здравствени услуги до 18 години возраст. Активно работиме на измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, во насока на унапредување на пристапот на сите граѓани до поквалитетни здравствени услуги, рече Чакаровски.
Работиме, додаде, на измени на Законот за прекин на бременоста, кој во оваа форма го ограничува правото на избор на жените, како и измени и дополнувања на Законот за лекови во делот на паралелен увоз, со цел зајакнување на контролата на увозот на лековите и обезбедување поквалитетни лекови.
Министерството за здравство, нагласи, работи на завршување на започнатите капитални инвестиции во нова медицинска опрема и здравствена инфраструктура. Набавка на нова медицинска опрема и медицински и немедицински инвентар за новиот објект на Клиничка болница Штип, за Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо–Охрид, како и за Општата болница Струмица, во насока на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во овие установи.
– Исто така, работиме на надградба на електронскиот систем „Мој термин“, со што се продолжува времетраењето на прегледот. Со измените во системот, специјалистот ќе го одредува времетраењето на прегледот и врз основа на тоа клиниката ќе ги креира термините. Целта е да ги растовариме докторите од административните формалности и да имаат повеќе време за своите пациенти, појасни заменик министерот.
За годинава, потсети, е предвидено покачување за пет отсто на основната плата на сите здравствени работници, почнувајќи со септемвриската плата. Дополнително се обезбедени средства за зголемување на сумата која докторите и медицинските сестри ја добиваат за дежурствата. Уште една мерка за која се обезбедени пари во буџетот за годинава е вработувањето на приватните специјализанти со надоместок и придонеси во висина на минималната гарантирана плата за општ лекар.
– Истовремено пристапивме и кон активности за изградба на новиот Клинички центар, кој ќе се гради на локација во близина на Психијатриската болница во Бардовци, а планирано е таму да бидат сместени и Медицинскиот факултет, соодветен истражувачки центар и кампус за студенти по медицина. Според проценките, изградбата треба да почне за година и пол до две, а да трае четири до пет години. Тоа ќе биде мал медицински град кој ќе биде лесно достапен за граѓаните на Скопје и на целата држава. Одлуката за дислокација, е донесена по широки консултации со лекарите, архитектите и граѓаните, рече Чакаровски, честитајќи го празникот и порачувајќи дека само со заеднички заложби на сите чинители, може да се унапреди здравствениот систем во Република Македонија.
Чакаровски присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден на здравјето во Здравствениот дом и Општата болница во Кавадарци.