„Не смеам да ви дадам да купите ништо“, ни рече вработениот во локалното тобако во Чаир, откако побаравме да купиме сок.
„Па тогаш зошто сте отворени?“, го прашавме.
„Јас чувам само некој да не украде нешто, инаку има многу инспекции, се живо затворија вчера“, ни рече тој.
Додека разговаравме, се појави возило од агенција за обезбедување. Едно од лицата во возилото излезе и си купи што му требаше, па тогаш и ние бевме услужени.
„Сега веќе кога ги услужив полицајците, морам и вас“, ни рече вработениот, подавајќи ни ги производите.
Во меѓувреме, уште две лица дојдоа да си купат тоа што им треба во „тобакото што не смее да продава“.
Од соседната страна на улицата, кај познатото „Али Тобако“, пак, редици од возила чекаа да купат што им треба за време на полицискиот час.
Овие две продавници беа единствените што ги затекнавме отворени во општината со најголем број заразени од коронавирусот. Рестрикциите за движење во принцип се почитуваа, освен од децата кои со велосипеди се возеа по празните улици. Во општината имаше видливо присуство на полиција, речиси на секоја раскрсница, која ги запираше возилата што се движеа, но не и оние кои слободно се шетаа.
Поминувајќи низ Чаир, Бутел, Ченто, Шуто Оризари и Аеродром, едно беше јасно – никој од оние што го прекршуваа полицискиот час не носеше маска. Дури ни оние собрани по дворовите, дури ни оние кои беа собрани во парковите, пред зградите или се шетаа по улиците.
Поминувајќи го сиот овој реон, од полицијата бевме застанати два пати и ни беше побарана дозвола за движење.
Во Шуто Оризари, сите продавници беа под катанец. Но, тоа не го спречуваше групирањето. Дворовите беа полни, по улиците трчаа деца, а кога ќе видеа како се приближува автомобил, веднаш, за секунда ја напуштаа улицата и исчезнуваа низ тесните улички.
„Еј, немојте да не сликате!“, довикуваа од далеку.
За многумина во јавноста остана дилемата дали овој полициски час кој завршува утре во 5 часот ќе донесе некаков ефект, со оглед на тоа што од утре се продолжува по старо. Кафулињата ќе работат, полициски час нема, а останува само препораката да се држи дистанца, да се носи маска и редовно да се мијат рацете.
Од она што денеска екипата на „А1он“ го виде на терен, држењето дистанца и носењето маски е непознато за голем број граѓани. Оттаму, со право се и дилемите дали досегашните мерки даваат ефект, со оглед на тоа што бројката на заразени од коронавирусот и понатаму не опаѓа, а очигледно не помагаат ниту утешителните пораки од надлежните дека станува збор за петнаесетина кластери, односно семејства и дека ситуацијата се држи под контрола.