Центарските ученици сааат да играат шах! Тоа го покажа големиот одзив во седумте основни училишта во општината, каде што повеќе од 300 деца влегоа во процесот на селекција за натпреварување во училишната Лига во шах.
Деновиве заврши анкетата меѓу учениците од седумте основни училишта во општина Центар. Првите оценки се дека интересот меѓу учениците од четврто до деветто одделение е огромен. Од пријавените повеќе од 300 ученици, првата селекција меѓу педесетттина ученици е направена во основното училиште ‘Димитар Миладинов’. Лигата во шах меѓу учениците, за која подготовките ги направи шаховскиот клуб Gambit-Aseko CEE, ќе започне по завршувањето на селекцијата во сите училишта.
Предвидено е званичното натпреварување да започне во ноември, во рамките на училишните спортски игри во општина Центар. За таа цел, секое училиште ќе формира тим од 10 ученици – шахисти, па така натпреварите ќе се одржуваат меѓу седумдесет ученици од сите центарски училишта.
Лигата ќе трае во текот на целата учебна година, а процесот на селекција на учениците кои ќе учествуваат во натпреварот, деновиве ќе продолжи и во другите училишта во општината до утврдување на конечната бројка мали шахисти, што ќе ги одмерат своите сили на шаховската табла. На крајот ќе се промовираат и прогласуваат најуспешните поединци.
Идејата е да се поттикне кај децата учењето преку игра, да се развива меморијата и логичкото размислувањето.
Практиката покажала дека шахистите се добри математичари, што може да им помогне на учениците за побрзо совладување на една од најтешките природни науки.
Оваа древна персиска игра, и воопшто, помага за развивање на интелектуалните способности кај децата, од кои понатаму може да произлезат врвни шахисти.
Земјаќи го предвид големиот интерес кај учениците, во догледно време ќе се формира општински училишен шаховски клуб во чии рамки ќе функционира и шаховската школа.