Центарот за трансплантација доби поддршка од пратениците

Од:

Собраниската Комисија за здравство денеска едногласно констатира дека Предлог-законот за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести, во прво читање е прифатлив и може да се даде на натамошно читање. 

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во образложението рече дека целта на овој Предлог – закон е создавање услови за вршење трансплантација и сложени хируршки интервенции во Центар за извонредност, како и основање Универзитетска клиника за трансплантациона медицина и хируршки болести. За негово основање се предвидуваат околу 64 милиони денари.

Тој нагласи дека ќе бидат потребни измени во организациската поставеност, едукација на кадар, опрема и зголемување на јавната свест за органодарителство.

Во Македонија, како што рече, трансплантацијата се уште не е доволно развиена гранка од медицината.

– И покрај тоа што трансплантацијата на бубрези во Република Македонија постои веќе континуирано последните 25 години, како единствена органска трансплантација, таа сепак во сегашниот обем ни далеку не ги задоволува вистинските потреби и е под европските стандарди, рече Андовски. 

Додаде дека недостига трансплантација на други органи, како црн дроб, панкреас, срце и бели дробови кои веќе се рутински процедури во повеќето европски држави. 

– Основањето на националниот центар за трансплантација на органи и ткива и хируршки болести со искусен и потврден кадар во државата ќе значи и пораст на трансплантацијата на бубрег, не само како бројка туку и како дополнителен квалитет во оваа тешка медицинска пракса, рече Андовски.

Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ смета дека се работи за многу важен, авангарден закон, кој и е потребен на Република Македонија. Осврнувајќи се на почетоците на трансплантацијата во нашата држава, потсети дека таа датира од 1980-тите години. 

– Потоа од необјаснети причини таа дејност замре и немаше трансплантации во ниедна област на медицината се до 2011 година. Одредени колеги ентузијасти, кои беа на стручно усовршување во земјите на ЕУ и САД, повторно ја покренаа таа идеја. Се најде разбирање во Министерството за здравство и потворно почна да се работи на овој проблем, објасни Чибишев. 

Тој нагласи дека и во последниот извештај на ЕК трансплантацијата беше многу виско оценета.

– Направени се одредени проценки со кои Македонија изби меѓу првите десет држави во Европа со најразвиена трансплантација од жив донор. Односно беше рангирана како осма држава во Европа која изведува успешни трансплантации на бибрег, рече Чибишев. 

Билјана Настеска од СДСМ се согласи дека законот е авангарден и додаде оти трансплантацијата е благородна и комплексна дејност. Ја поздрави идејата за ваков закон и Центар во нашата држава и во регионот. Таа упати забелешка во однос на буџетот, организацијата и раководењето на овој Центар. 

Заменик-министерот Андовски образложи дека околу 64 милиони денари се предвидени за формирање на оваа установа и за почнување со работа. Во врска со малиот број на вработени, објасни дека се работи за нови профили и додаде оти до крајот на годината ќе има вработување на само 43 доктори во оваа здравствена установа. 

Би можело да ве интересира

Изведена мултиорганска трансплантација на органи – пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Катерина Ѓуровски

Направена уште една трансплантација на срце и бубрези од починат донор

ВИДЕО: Изведена првата потполна трансплантација на човечко око

Во земјава 140 лица чекаат за трансплантација на бубрези, околу 15 за срце и околу 14 за црн дроб

Одбележан Денот на органодарителството, за три години 67 лица добиле шанса за нов живот

МЗ: Еден донор спаси четири животи