„Владата присвои 15.136 м2 земјиште од Општина Центар за градби од посебен интерес за бизнисите на градежната мафија.
Ситуацијата со узурпирање на земјиштето на Општина Центар од страна на владата станува алармантна. Во само една недела, општината открива трет случај на незаконско присвојување на општинското градежно земјиште со цел реализирање на бизнис интресите на власта.
Најновиот случај се однесува на атрактивно државно земјиште на улица „Јордан Мијлаков“, поранешна ул. „Железничка“. Имено, преку превезот на „градба од посебен интерес“ на 21 јули оваа година владата донела одлука за узурпирање на земјиштето и изградба на стамбени објекти. Како и во претходните случаи, потписник на одлуката е лично вицепремиерот Ставревски. На идентичен начин како во случајот со земјиштето во Градски Парк и кај ПУИГ, владата наместо објекти од посебен интерес на граѓаните, планира градби од посебен интерес за бизнисите на градежната мафија“, соопштуваат од Општина Центар.
„Владата досега, само со овие три парцели, присвоила градежно земјиште од точно 15.136 м2 во Општина Центар, кое треба да биде наменето на градење на стамбени и деловни објекти како и хотелски комплекси!
Го повикувам премиерот Никола Груевски, веднаш да одговори и да не се крие позади штурите и немушти соопштенија на Министерството за транспорт и врски.
Од каков посебен интетрес се овие згради кои планира да ги гради на оваа локација? Од чиј посебен интерес се згради од кој некој дебело ќе профитира?
Која е висината на предвидените градби? Дали повторно станува збор за облакодери?
Го повикуваме Министерството за транспорт и рски веднаш да ја поништи оваа одлука, а власта да ги тргне рацете од земјиштето на општина Центар. Исто така, ја повикуваме стручната јавност, граѓаните и сите засегнати страни да се вклучат во оваа дебата и заеднички да се спротиставиме на овие незаконски одлуки на владата“, се вели во писменото соопштение на Општина Центар.