„Општина Центар ја информира јавноста дека сопствениците на објектот на ул. Никола Вапцаров бр.6, меѓу кои е Владимир Панчевски, претседателот на Основниот Суд 1, започнале самостојно со рушење на незаконски изградената надградба.
За надградбата на овој објект, општинската инспекција утврди дека е дивоградба и беше издадено решение за рушење.
Иако инвеститорите првично негираа дека станува збор за бесправно градење, со денешната одлука самостојно да си ја срушат надградбата, тие всушност потврдија дека незаконски подигнале уште два ката на зградата. Оттаму, паѓаат во вода обвинувањата дека инвеститорите биле обесправени и оштетени од страна на општината или, пак, дека се врши наводна политичка хајка.
Општинската инспекција е на терен и го следи рушењето кое е во тек. Инспексторите треба да утврдат дали инвеститорот ќе постапи во целост, согласно одлуката, односно дали целосно ќе ги отстрани доградените спратови. Доколку тоа не се случи, општината ќе ја заврши постапката за целосно рушење, согласно законски донесената одлуката на инспекцијата. Општина Центар и понатаму ќе продолжи да ги почитува законските прописи и никој нема да биде привилегиран“, се вели во соопштението на Општина Центар.