На вчерашната седница, Советот на Општина Центар ги усвои измените и дополнувањата на деталните урбанистички планови за Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ и Градска Четврт И02, „Ново Маало“ 1. Станува збор за првите два ДУП-а по донесувањето на мораториумот.
Освен усогласување на деталните урбанистички планови со генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012 – 2022 година, дополнително се постигнати и низа придобивки во интерес на жителите. Главен фокус е ставен на зелените површини и искористување на државното земјиште за паркови и детски игралишта, наместо за изградба на објекти.
Така, со изменетиот ДУП Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан’, површината на јавното зеленило се зголемува на 6383 м2, наспроти предвидените 158 м2 согласно важечкиот план.Во ДУП Градска четврт И02 на Ул:„Кочо Рацин“ каде по претходен план било предвидено изградба на хотел на државно земјиште, пренаменет е целиот простор во парковско зеленило со површина од 2900 м2, соопштуваат од Општина Центар.
Во плановите, на задолжително зеленило од минимум 20% во рамки на градежна парцела, согалсно Законот за урбано зеленило, се обврзуваат и инвеститорите како предуслов за добивање дозвола за градба. Инвеститорите се обврзуваат и потребите за паркирање да ги остварат во рамките на својата парцела, наместо досегашната пракса, согласно важечкиот план, 20% од потребите за паркирање да ги остваруваат на јавен паркинг.
Со измените, парцелата на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ кој спаѓа во Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ е зголемена за 12% во споредба со важечкиот план. Притоа, делот од училишниот двор што ќе се одземе од источната страна заради реализација на новопроектираната сообраќајница од ГУП-от, улицата „Мирче Ацев“, ќе се надомести со зголемување на дворот од јужната страна. Во однос на важечкиот план, училишниот двор на гимназијата ќе се зголеми за 808 м2. На оваа површина, актуелниот план предвидуваше станбена зграда.
И двата ДУП-а се комплетно услогласени со стандардите и условите за хумано домување. Така, кај 30 градежни парцели е направено оддалечување на градежната линија од дното на парцелата со цел да се обезбеди подобро осончување, повеќе природна светлина и подобра циркулација на воздухот за идните станари на овие згради. Оддалечувањето е направено според одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а за сите парцели кои ќе се развиваат во иднина предвидени се пристапни улици, велат од Општина Центар.