Со маски, дистанца и честа дезинфекција в среда учебната година почнува со физичко присуство на учениците, но министерката за образование, Мила Царовска, вели дека се е спремно наставниците и учениците да бидат префрлени на друг модел на учење, доколку така одлучи Комисијата за заразни болести.
„Сметам дека први септември е датум на кој учениците и наставниците се радуваат и среќна сум што оваа година Владата донесе одлука за почеток со физичко присуство и дека ќе успееме што подолг период да останеме во училниците. Во делот на подготовките кои ги правевме секако дека имаме и други сценарија доколку пандемијата заземе поинаков тек и доколку Комисијата за заразни болести препорача еден друг тип на учење, тогаш сме спремни директно да ги префрлиме наставниците и учениците во хибриден модел на учење или, пак, учење од далечина во целосен обем“, рече министерката Царовска при денешната посета на Пробиштип.
Учебната година почнува со учење од далечина само во Тетово и Гостивар исклучиво поради преоптовареноста на болниците во овие градови. Министерката Царовска нагласи дека за тоа по кој модел ќе се одвива наставата одлучува Комисијата која дава препорака врз основа на епидемиолошката состојба и извести дека денес има состаноци со претставници на средните школи но на нив нема да се разговара за начинот на кој ќе се одвива наставата туку за почетокот на учебната година.