По се погласните најави за бојкот на онлајн – наставата во школите во кои не е дозволено физичко присуство, министерката за образование Мила Царовска вели дека сега е моментот кога сите треба да покажеме грижа не само за нас, за нашите деца туку и за јавното здравје.
„Деновиве гледам родители и родителски совети кои најавуваат бојкот на онлајн – наставата. Бараат настава со физичко присуство. Јас тоа го разбирам. Тие навистина имаат ризици и не може да се спореди наставата со физичко присуство и онлајн – наставата, но сите ние овој пат треба да покажеме дека се грижиме не само за нашето здравје и за здравјето на нашите деца туку дека се грижиме и за јавното здравје. Оние кои се експерти одлучиле дека не треба да се даде физичко присуство заради епидемиолошката состојба во таа општина или за бројот ученици кои треба да влезат и излезат од еден објект. Со тоа се зголемува ризикот од пренос на Ковид – 19“, објасни министерката Царовска.
Таа потсети дека изминатиот период состојбата со Ковид – 19 била контролирана поради почитувањето на насоките од експертите и апелираше на тој начин да се продолжи со одговорно однесување кон она што го кажуваат.
„Ова не е време кога нашите желби може да се земат предвид, ниту, пак, е нечиј хир некаде да се пушти, некаде да не се пушти настава со физичко присуство. Станува збор за препорака од експерти. Важно е сите ние да го почитуваме она што како одлука е донесено од експерти и повторувам, не станува збор за желби, станува збор за состојба со која сите ние заедно треба да се носиме и да излеземе од нејзе посилни“, рече министерката Царовска.
Таа вчера апелираше родителите, директорите на школите и градоначалниците на општините во кои има најави за бојкот на онлајн – наставата да седнат и да најдат решенија на проблемите оти бојкотот не носи ништо добро за децата.
Бојкот, но од следниот месец, најавија и средношколците доколку не се дозволи комбинирана настава. Тие најавија дека учебната година ќе ја почнат со онлајн – настава, но доколку епидемиолошката состојба се смири ќе протестираат во ноември доколку не се дозволи комбинирана настава.
Учебната година со онлајн – настава почнува утре. Националната платформа денес беше успешно тестирана откако претходните два дена постојано паѓаше. Тестирањето кое вчера доживеа фијаско, денес се одвиваше речиси без проблеми.