Матурата за средношколците ќе се реализира во текот на наредната година и во законски утврдените рокови, како иста пракса што се случуваше во други држави од регионот и Европа, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
За време на нејзиниот престој во Битола, Царовска ги повика учениците навреме да изберат проектна задача и наставни предмети што ќе ги полагаат за матурата.
-Сакам да ги поттикнам учениците до крајот на овој месец да изберат проектна задача за претстојната матура и до крајот на следниот месец да изберат предмети кои што ќе сакаат да ги полагаат за матурата. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици кои што се наша иднина, и затоа согласно законските рокови матурата ќе се реализира во текот на наредната година, како иста пракса што се случуваше во други држави од регионот и Европа. Матурата ќе се реализира и во нашата држава затоа што не сакаме да бидеме исклучок. Матурата е значајна за утврдување на знаењата и за понатамошен развој на нашите млади граѓани кои во иднина треба да ја водат државата и економскиот развој, нагласи Царовска.
Министерката за образование и наука го посети средното општинско училиште „Таки Даскало“ и придружувана од градоначалничката Петровска беше информирана за инвестициите во образованието, како и за текот на образовниот процес во услови на пандемија.
-Наставниот процес се одвива непречено. Во општина Битола има 1464 ученици со физичко присуство на настава, а заболени од Ковид се 5 ученици и 7 наставници, што значи, успешно се справуваме со предизвикиот на денешницата. Во општина Битола само во 2020 година вложени се 265.000 евра локални средства, а по сите основи 685.000 евра. Училиштата деновиве добија 330.000 евра за инфраструктурни зафати, информира Петровска.
На денешната прес конференција во Битола беше соопштено дека зимскиот распуст за учениците ќе се реализира според календарот и идентично како и минатата година, во текот на месец јануари, а на 21 јануари ќе почне второто полугодие за сите ученици.