Царинската управа минатиот месец поднесе седум кривични пријави против три правни и 11 физички лица заради констатирани неправилности.
Пријавите се поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „даночно затајување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „криумчарење“, соопшти денеска Царинската управа на Македонија.
За „даночно затајување“ се поднесени две кривични пријави против две правни и три физички лица. Во двата случаи, третопријавеното лице организирало увоз на тутун во лист преку пријавените правни лица, за што на одговорните лица им исплаќало паричен надомест од 700 евра за секој увоз.
Против едно правно и четири физички лица, пак, се поднесени две пријави поради основано сомнение за кривично дело „повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.
Две кривични пријави се поднесени против две физички лица за сторено кривично делонеовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, а една пријава против еден македонски државјанин за обид за криумчарење разна стока со вкупна вредност од околу 244 илјади денари.