Директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танаскоски преку претходно објавен тендер, за потребите на управата набави нови 12 возила вредни 294.024 евра или 18 милиони 82 илјади и 532 денари. Станува збор за најновиот модел на возилото Шкода Октавија произведено оваа година. На тендерот за набавката биле доставени 2 понуди од кои е избрана онаа на фирмата ДЕЛУКС-АУТО ДООЕЛ увоз-извоз Куманово.
Во тендерот кој вреди безмалку 20 милиони денари набавено е и уште едно возило исто така за потребите на Царинската управа, Шкода Суберб вредно 31.176 евра или нешто над 1 милион и 900 илјади денари.
Во вкупната цена при набавката на двете возила од 20 милиони денари вклучени се и трошоците за царина, акцизи, трошоци за хомологација и редовно сервисирање во гарантен рок.
Царинската управа од почетокот на оваа година па досега, покрај автомобилите од 325 илјади евра, за јавни набавки дополнително има потрошено уште 834 илјади и 284 евра или се вкупно, за 4 месеци Царина потрошила 1 милион 159 илјади и 484 евра пари на граѓаните.
Покрај автомобили, Царинската управа вршела јавни набавки и за храна за кучиња, средства за заштита од ектопаразити и еднопаразити, нега на кучиња, и ветеринарен преглед на кучињата. Изработка на геодетски елаборати, одржување на машинска хала и клима уреди, ладни сендвичи, минерална вода, набавки на писмоносни услуги, лабараториски испитувања во надворешни лаборатории, осигурување на недвижности, моторни возила и опрема, држување на систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблици, масло за греење, одржување на ИТ опрема.
Виктор Јованов