Власта во следниот период ќе биде на сериозен удар во Охрид, откако деновиве почнаа да пристигнуваат решенија за наплата од 6000 денари од Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП). Врие во градот, откако сите регистрирани физички лица, станоиздавачи се вметнати во давачките за ЗАМП.
Решенија почнаа да пристигнуваат откако во февруари годинава ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а по предлог на Министерството за култура ги изгласаа дополнувања на Законот за авторското право и сродните права. На решенијата пишува дека немаат право на жалба, а сумата се однесува за периодот од 1 јуни до 31 август, 2015 година, односно измените се применуваат ретроактивно.
Секој што добил решение треба да го плати до 18 јуни. Решенијата кои пристигнуваат кај физичките лица во Охрид предизвикаа гнев и револт, и порачуваат-Доста со рекети!
-Зошто ние да плаќаме, ниту им пуштаме музика на гостите, ниту ние слушаме. Немаат пари па сакаат и нас да не дотепааат? Илјади давачки плаќаме, не можеме глава да кренеме, и после Грција била поевтина, сигурно дека ќе биде. Нас музиката ни пречи по цела вечер што трешти без контрола од кафеани што се отворија на секоја чекор и не може да се спие, а не па уште музика да пуштаме. Овие уништија и туризам и градов и се, вели за А1он станоиздавач од Охрид.
Тој вели дека во тек се консултации како ќе постапат на обидот за „државен рекет“ и дека власта удрила каде што не треба.
-Оваа власт ќе го добие нашиот одговор наскоро, велат за А1он станоиздавачи и најавуваат дека доколку треба ќе се откажат и од дејноста и ќе се одјават, ама рекет нема да дозволат никој да им врши.
Тие бараат градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачевски и локалната власт да го спречат овој арач, со оглед дека не користеле никаква услуга за да ја плаќаат.
Власта досега не успеа да воведе ефикасен систем за наплата на правата на ЗАМП, туку тоа се решава преку присилна наплата- од субјекти кои не ги користат овие услуги. Истото се случува и во македонската музика-се финасиират со државни пари песни, кои никој не ги слуша, ниту пак ги знае.