Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев е изреволтиран бидејќи претседателот Стево Пендаровски сподели дека бил во спомен куќата на браќата Миладиновци во Струга, кој го посочи како нивни роден град. Ковачев во објавата посочува дека со францускиот предлог ќе се стави крај на ваквите објави од страна на македонските политичари. Тој посочува дека македонските функционери, по прифаќање на францускиот предлог, ќе бидат обврзани да ги третираат историските личности, онака како што ќе каже историската комисија и никако поинаку. Спротивно на тврдењата на македонските политичари, Ковачев кажува дека историјата влегува во преговарачката рамка.
„Ова треба да биде последниот пост што Стево Пендаровски и кој било друг официјален претставник на Северна Македонија го пишуваат на ваков начин. Со францускиот предлог, почитувањето на Договорот за пријателство и добрососедство ќе биде главен, хоризонтален критериум за напредокот на Скопје на патот на преговорите за членство во ЕУ. Упатувањето во самата преговарачка рамка на протоколите од членот 12 од Договорот ги обврзува македонските функционери да се придржуваат, во нивните официјални настапи, на наративите веќе дефинирани од мешовитата историска комисија за ликовите и настаните од нашата заедничка историја“, напиша Ковачев.
Европратеникот додава дека и за Браќата Миладиновци наскоро ќе расправа мешовитата историска комисија.
„Тогаш, покрај тоа што имаат големо значење за современата македонска култура, Пендаровски нема да може да го смени тоа што имаат исто значење за бугарската култура, а пред се нема да може да премолчи дека тие самите ја нарекуваат својата збирка „Бугарски народни песни“, јазикот на кој е напишана – бугарски, а самите се Бугари. На овој начин, верувам, ќе престанат со манипулативните и двосмислени изјави, како оние на самиот Пендаровски за Миладиновци или Гоце Делчев, пред извесно време. Па, уште не сум сигурен дали ова ќе им помогне на вистинските бугарофили од левицата и ДПМНЕ, како оние од протестите деновиве, кои пенат од уста на спомнувањето на ‘Бугарите’“, додаде Ковачев.