Светиот синод на Бугарската православна црква под претседателство на бугарскиот патријарх Неофит на Божиќ ќе го признае томосот со кој Српската православна црква и дава автокефалност на Македонската православна црква, но под друго име, објавија некои бугарски медиуми.
Бугарскиот црковен сајт doxologiainfonews.com објави дека Синодот на БПЦ во однос на името „Охридска Архиепископија“,смета дека оваа црква треба да се вика „Православна црква во Република Северна Македонија“.
Бугарскиот патријарх Неофит во своите диптиси ќе го вклучи името на архиепископот охридски Стефан, но како „архиепископ северно-македонски и скопски Стефан“, бидејќи БПЦ не ја признава титулата со која вселенскиот патријарх Вартоломеј ја прими во евхаристиска причест Архиепископот Стефан и неговата црква.
„Синодот на Бугарската црква не се согласува со името што го дала Српската црква, поконкретно во нејзиниот втор дел – „Македонска православна црква-Охридска архиепископија“, бидејќи ова име, според БПЦ, припаѓало на Бугарската црква, а наследник на Охридската архиепископија, според повелбата на БПЦ, е Бугарската патријаршија. Името што Бугарската црква ќе го користи за Охридската Архиепископија е „Црква во/на Република Северна Македонија“ или нешто слично, за да не се создаде тензија со црквите што зборуваат грчки. Секако, Бугарската патријаршија во своето коминике поконкретно ќе каже какво име ќе ја нарекува оваа црква, како и составните делови на името.
Одлуката на Светиот синод на Бугарската патријаршија е целосно во духот на руската црковна пропаганда и еклисиолошката ерес во однос на „томосот“ што го дава друга црква. Потсетуваме дека томос за автокефалност може да даде само Вселенскиот Патријарх. Сите томоси за автокефалност на новите помесни цркви се обезбедени од Вселенскиот Патријарх. Ако поглаварот на локалната црква дава таков „томос“, овој „томос“ нема никаква канонска вредност за Православната Црква“ објави црковниот сајт.