Со порастот на нови позитивни на коронавирусот во изминатите денови, се зголемува и бројот на хоспитализирани луѓе кои имаат потешки симптоми, а многумина се зависни од постојана кислородна поддршка.
Во статистиката за вчера беше наведено дека во целата држава во болница се лекуваат 1739 позитивни и сомнителни на Ковид-19, но обезбедени се слободни места за нови приеми и има околу 220 кревети информираше Министерството за здравство.
Од вкупниот број пациенти, 703 се лекуваат во Скопје, а 1036 на инфективните одделенија и КОВИД-центрите во други градови во државата. Во главниот град во претходното деноноќие биле примени 65 нови пациенти и до вчера утрото имало 60 празни легла.
На Инфективната клиника се лекуваат 154, во ГОБ „8 Септември“- 139, 313 се хоспитализирани на интерните и на хируршките клиники, во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 39 пациенти и 35 на Институтот за физикална медицина и рехабилитација. Осум деца со коронавирус лежат на Клиниката за детски болести, како и девет пациентки на Гинекологија.
Битката со Ковид-19 ја загубија уште 35 пацинети, на возраст од 28 до 88 години, и со нив бројот на починати достигна 3940 од почетокот на епидемијата. Со вчерашната статистика за нови 734 случаи, вкупниот број потврдени заразени е 134 867 од 641 573 направени тестирања, а оздравени се 109 297.
Активни случаи во земјава има 21 630, од кои речиси половина (10 584) се во Скопје. Три града имаат четирицифрени бројки: Прилеп – 1166, Куманово – 1078 и Битола 1032, а висок е бројот и во Охрид – 896, Велес – 814, Кавадарци – 728, Тетово – 666. хс/лв/