Расте бројот на новозаразени и на активни случаи со Ковид-19, се повеќе со британскиот сој кој побрзо се пренесува и се шири. Во земјава се уште не е детектирано присуство на јужноафриканскиот сој на вирусот. Кај едно од двете лица кои се вратија од Занзибар со ковид симптоми потврден е британскиот сој, а за вториот резултатите ќе бидат познати денеска.
Двајцата пациенти се хоспитализирани веднаш откако ги добиле првите симптоми на вирусот.
Комисијата за заразни болести предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести не ја исклучуваат можноста да се донесат препораки за нови мерки со цел спречување понатамошно ширење на Ковид-19.
Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 807 случаи на коронавирусот од направени 3.312 тестирања. Починати се пет лица, а оздравени 314 пациенти. На инфективните оддели во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 750 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
Вакцина против Ковид-19 до вчера примиле 2.860 здравствени работници. Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ досега за вакцинација се пријавиле 72.400 граѓани, а 46.810 преку матичен лекар.