На Светата божествена литургија што се одржа во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, а на која чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на владиката Наум и свештенството на струмичката епархија, присуствуваше и бугарскиот епископ Велички Сиониј кој прочита писмо во име на бугарскиот поглавар патријархот Неофит.
– Во црковната меморија е запишано за делото на Светите 15 Тивериополски свештеномаченици кое е општо за нашите цркви и нашите православни народи. Во православниот свет, нивната жртва е еден од фундаментите на верата и црковниот живот. Во илјадагодишната историја на христијанството, маченичката крв се преобразувала во благодатно семе за зголемување на верата во Исус. Истото се случило и со жртвениот подвиг на Светите 15 маченици, стои во писмото од бугарскиот поглавар Неофит.
Бугарскиот патријарх очекува скоро Македонската православна црква и Бугарската православна црква да бидат во посакуваното единство.
– Нашите молитви се со вас и со црквата на Република Македонија. Господ да даде во најскоро време да бидеме во посакуваното единство и благодатно евхаристиско општење. По молитвите на Светите 15 Тивериополски маченици Бог да ви дава вас и на вашата епархија, мир и спокојство, честит празник, за многу благодетни години во братска и несебична љубов кон Христа, се вели во писмото од бугарскиот патријарх што го прочита епископот Сиониј.