Божикно обраќање на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан до верниците

Од:

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г.Стефан се обрати до верниците по повод Раѓањето Христово – Божик. Во обраќањето се вели:

– Возљубени празникољубци, Бог се јави во тело: беше посведочен од Духот, им се покажа на ангелите, беше проповедан на народите и светот Му поверува…(1. Тим. 3, 16). Со таа голема тајна на побожноста, како сведочи свети апостол Павле, се потврдува вистината за витлеемскиот Настан од пред повеќе од 20 столетија, Настан што ни го покажа слегувањето на Бога на земјата и издигнувањето на човекот на небото, Настан во кој се исполнија сите надежи и очекувања низ вековите, како и верата на сите низ времињата до денес. Така и ќе остане засекогаш!
Во таа витлеемска ноќ се покажа на дело полнотата на времето, зашто Бог и човекот се соединија во личноста на Спасителот Исус Христос: Бог се роди како човек, не престанувајќи да биде Бог, а на човекот му се даде можност да се обожи, останувајќи да биде човек. Во Него, како Син Божји и Син Човечки, совршениот Бог и совршениот Човек, ние познавме и поверувавме дека Бог е љубов и има љубов кон нас (сп. 1. Јн. 4, 16). Оттогаш Бог е со нас, со нашата човечка природа, во нашиот свет и живот, на земјата и небото, во историјата и вечноста.
И, еве, секоја година на овој ден, повторно и повторно се истакнува величината на тој Настан, правејќи го присутен и вистински, и секому близок, Настан што му дава смисла и вредност на нашето живеење и постоење.

Возљубени, празникот на Христовото рождество е време за облагородување, време што помага да познаеме што е свето и што е вистина, време погодно за преиспитување на нашиот однос и кон Бога и кон луѓето…Тоа е празник на мирот, слогата и единството! И кој Го љуби Бога, треба да го сака и братот свој, да ги сака луѓето (сп. 1. Јн. 4, 21). Затоа, таму каде што има недоверба, каде што има расправии и поделби, во име на Помирителот – Богочовекот Христос, да си простиме и да се помириме. Па, како Црква и народ, да го прославиме овој Ден радосно и достоинствено, и овде во Татковинава и насекаде каде што нè има по светот, придружувајќи им се на ангелите, пастирите и мудреците од онаа величествена витлеемска ноќ, како и на сите богољубиви луѓе. Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото лето Господово!.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата