Босна и Херцеговина отвори почесен конзулат во Битола

Од:

Босна и Херцеговина вечерва отвори почесен конзулат во Битола, а за прв почесен конзул е избрана познатата македонска пејачка Билјана Дамјановска Јанчевска, родена во Мостар, а живее и работи како нотар во Битола.

Почесниот конзулат го отворија замениците министри во министерствата за надворешни работи на двете држави, Драгана Кипријановска од Република Македонија и Ана Тришиќ Бабиќ од Босна и Херцеговина.

– Отворањето на почесниот конзулат во Битола претставува еминентна потврда за добрите, традиционално пријателски односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина. Меѓу нашите две држави постои простор и огромен потенцијал за јакнење на соработката не само во политички контекст, туку и на економски и културен план. Верувам дека наскоро и двете држави ќе бидеме полноправни членки на големото европско семејство, посочи Кипријановска.

Според заменик министерката за надворешни работи во Владата на Босна и Херцеговина Ана Тришиќ Бабиќ, отворањето на почесниот конзулат во Битола е придонес на традицијата и вековните врски меѓу народите од двете држави.

– Од денеска има уште еднаш можност за продлабочување на врските меѓу граѓаните од двете држави, воспоставување на партнерства и соработка меѓу градовите, културна и друга соработка. Односите меѓу двете држави се исклучително добри и на високо ниво, и тоа е една од причините што имаме конзулат во Битола, истакна Тришиќ Бабиќ.

Во општина Битола во моментов има 12 почесни конзулати, а се очекува отворање и на нови, најави градоначалникот Владимир Талески на вечерашната свеченост на Широк Сокак во Битола.

– Преку овој конзулат ќе се обидеме да ги возобновиме врските со градовите во Босна и Херцеговина, но и да создадеме нови. Оваа голема придобивка е од интерес на сите битолчани, рече Талески.

Првиот почесен конзул на Босна и Херецеговина во Република Македонија со седиште во Битола, Билјана Дамјановска Јанчевска вечерва ја промовираше иницијатива за отворање на Клуб на конзули преку кој ќе се остваруваат чести и директни контакти на почесните конзули во овој град.

– Мислам дека соработката меѓу почесните конзули во Битола може да биде подобра и поголема. Верувам дека нашите идеи ќе вродат со плод и дека соработката ќе биде на многу полиња. Ова ново катче ќе биде во функција за сите, нагласи Дамјановска Јанчевска.

На свеченото отворање на почесниот конзулат во Битола присуствуваше и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Република Македонија Здравко Беговиќ, како и претставници на јавниот живот од градот и државата.

Би можело да ве интересира

Крадец со скалпел во рака се закануваше дека ќе го повреди мажот кој го ограби

Поради сообраќајна несреќа сообраќајот од Битола кон границата со Грција се пренасочува преку селата Бистрица и Породин

Коњановски: Секој голем проект почнува од гласот на граѓаните

Битолската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат на телефонски измами за лажни сообраќајни несреќи

(ВИДЕО) Коњановски: Целосна реконструкција на центарот за спорт и рекреативни активности во Битола

(ВИДЕО) Филипче од Битола: СДСМ се враќа!

Горан Наумовски