(ВИДЕО) Бошњаковски: Владата домаќин на централната прослава за Денот на независноста

Од:

Одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободна живее“. Централното одбележување ќе се одржи пред и во Владата на Република Македонија на 7 септември во попладневните и вечерните часови.

– Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да бидат гости на Владата на Република Македонија. Владата ќе биде отворена за сите, изјави денеска на прес-конференција портпаролот Миле Бошњаковски. Во рамки на централното одбележување кое опфаќа повеќе настани, обраќање ќе има премиерот Зоран Заев.

Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат три дена и тоа на 6, 7, и 8 септември.

На 6 септември ќе се одржи целодневен спортски настан на Кејот на реката Вардар во организацијата на Агенцијата за млади и спорт „трчај, игра, активирај се“ што опфаќа рекреативна атлетска трка, еколошка акција за чистење на Кејот, одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа и скејт активности.

Утрото на 7 септември владина делегација составена од министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот Дејан Павлески ќе ја посети реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.

Попладнето во 17:30 започнува централното одбележување на Денот на независноста. Пред и во Владата ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. На Платото пред Владата ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“. На главната бина пред Владата, на Булевар Илинден Танц студиото Данцерс Унитед Мк ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост, а настап ќе имаат и Гудачкиот квартет – ВИВА стинг, Хорот при Македонската Опера и Балет, Биг Бенд на Здружението на џез музичари на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон Стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.

На 8 Септември на Денот на независноста делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и Борис Трајковски. Делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, а во организација на Министерството за одбрана во крупево ќе се организира искаќување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.

Денот на независноста 8 септември се поклопува со 100 дена од изборот на новата Влада. Портпаролот Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање за стоте дена Влада рече дека во следниот перидот Владата ќе и се обрати на јавноста за да ги слушне резултатите од досегашната работа.

Запрашан кога медијаторот за разговорите за името Метју Нимиц ќе дојде во Скопје по вчерашната најава од премиерот Заев, Бошњаковски рече дека официјално нема се уште точен и прецизен термин. – Но, како и секогаш досега во истиот момент кога ќе ги знаеме информациите целата македонска јавност ќе биде информирана, рече портпаролот на Владата.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада