На граѓаните им е доста од партиски програми исполнети со празни ветувања со тоа што треба да се направи. Времето на владеењето од една цела деценија е доволен период за да се видат резултратите. Ние како партија во рамки на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ зад себе имаме реални дела остварени за време на нашето владеење од 1998 до 2002 година, порача денеска од Охрид Љубе Бошкоски, носител на кандидатската листа на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ во Петтата изборна единица.
– Ние на граѓаните мора да им гарантираме денешнина, затоа што само на тој начин можеме да ја вратиме младоста, да ги вратиме иселениците…Сакам преку навраќањето на времето на владеењето на ВМРО и Љубчо Георгиевски и јас како министер во таа влада да потсетам дека доколку тогаш ние како луѓе направивме толку за Македонија, сега како зрели политичари со нашето целосно политичко искуство можеме да понудиме решенија за Македонија, рече Бошкоски.
Тој, меѓу другото, истакна дека на денот кога народот го слави Свети Климент Охридски, треба да се зборува за помирување, единство, за високи христијански вредности што, рече, за жал се заборавени, а мотивот за доаѓањето на власт да не биде реваншизмот туку напротив помирувањето.