Боки 13 за милионот: Камчев парите да си ги бара кај Русковска, јас не броев пари кај него

Од:

Бојан Јовановски-Боки 13 остана на тврдењето дека не зел пари од Орце Камчев во износ од 1.5 милиони евра, кои сега бизнисменот ги бара да му се вратат. Тужениот Јовановски-Боки 13 имаше низа квалификации за бизнисменот, раскажуваше за неговото минато, а исказот кој Камчев го дал пред судиите го оцени како лажен и конструиран додавајќи: „Ние сме правосилно осудени и издржуваме казна додека криминалците шетаат слободно на улица“.

„Точно е дека Камчев подмитува за да се спаси. Но не го подмитил Бојан Јовановски, за да изврши влијание врз тужената Катица Јанева. Јордан Камчев навистина имал контакт со највисоките функционери во државава, па во таа смисла, одговорно тврдам дека не сум му олеснил никаква позиција, ниту сум влијаел да му се олесни било што и еднаш засекогаш да се знае. Човекот кој му ветуваше на Камчев и влијаеше со уцени и закани да му биде вратен пасошот, поради нивни криминални интереси, со сторена шпионажа во државата е Зоран Заев. Не беше пуштен само Камчев туку сите од ‘Империја’ поради тоа гласање (за промена на Уставот)“, рече Јовановски на судењето.

Зоран Милески-Кичеец, за Јовановски-Боки 13 е торбоносец, токму поради тоа што од домот на Камчев ја изнел торбата „Луј витон“.

„Торбоносецот Зоран Милески-Кичеец, не случајот е повлечена тужбата за него, па во таа смисла Камчев нека си ги бара парите онаму каде се договарал и нешто добил. И нека ги бара таму каде некој му дал гаранција, тоа е Русковска, поради нивниот блиски однос. Ова за што сум тужен, целосно го негирам особено поради недореченостите во правосилната пресуда“, кажа Јовановси-Боки13.

Јовановски-Боки 13 тврди дека не броел пари во домот на Камчев, ниту бил присутен кога се броеле пари. Тој додаде: „Да имало такво нешто Камчев немало да одолее да ме сними“. Потоа, продолжи со сведоштво дека Камчев заедно со ексминистерот за здравство Венко Филипче и Милески-Кичеец преговарале за како што вели, бизнисменот да ја земе со јавно-приватно партнерство болницата „8 септември“.

„Сакаа да ја земат 8 септември, тука беше Венко Филипче, Камчев, Кичеец па преговараа за јавно приватно партнерство, па му оставија на господинот време да направи потребни студии, па Венко да направи некакви пропозиции за документација. Камчев му ветуваше милионски износи на Венко за 8 септември. Имаше две средби, на едната средба беше Зоран Заев на мобилен телефон. Одговорно тврдам дека се лажни исказите на тројцата актери во оваа приказна за тие 500 илјади евра затоа што има и три противречни искази. Во нивното вештачење стои дека не се знае ниту дали се дадени парите. Зоран Милески Кичеец кажа дека ми дал 250 со 250 илјади евра, Јордан Камчев кажа дека неговата сопруга ми дала 500 илјади евра. Кажуваат различни места и временски периоди. И, за сега да чуеме дека тие 350 илјади евра ми биле дадени во канцеларија во ‘1ТВ’. Вака не се утврдува материјална вистина, бидејќи кога лажат треба да се договорат како ќе лажат, бидејќи вака забораваат што лажат“, посочи Јовановски-Боки 13.

Пред судот, раскажуваше и како според него течеле средбите со бизнисменот Камчев.

„Јас во 2016 година стапив во контакт со неговата сопруга која бев опериран во клиниката ‘Систина’. За операцијата уредно ги подмирив трошоците. Потоа не сум имал никаков контакт со Јордан Камчев. Бев повикан од Зоран Милески-Кичеец да се сретнам во ресторанот ‘Сушико’ со него и тужителот, на негово барање и инстирање, за што постои материјален доказ, бидејќи ме снимале цело време, каде јас му кажувам на Милески-Кичеец: ‘Со таква гнида каква што е Камчев не сакам да се среќавам’. Ова е токму поради мислењето кое претходно го опишав. Улогата на Милески-Кичеец е повеќе од јасна, поради тоа што, истиот беше оперативецот на Јордан Камчев, па по негово инсистирање, бидејќи јас со Милески-Кичеец имав поблиска релација, се сретнавме во ‘Сушико’, разговаравме за рекламирање во телевизијата, ме испрашуваше перфидно, од околу, дали имам некои сознанија за негов прогон, но за обвинителот Наум Паноски, а не Катица Јанева, бидејќи се водеше предистрага за фиктивни фактури кои ги испраќале до Фондот за здравство. Таква предистрага се водеше против него, а ја водеше Наум Паноски. Во тој момент Камчев ми кажа дека преку бугарски пријатели блиски до Зоран Заев, а се мисли на Бојко Борисов и негов советник, дека Камчев ќе си ги среди сите работи и тоа ми беше кажано со зборовите: ‘Шефе јас знам како ќе си средам. Јас сум бизнисмен, тој е оперативец, но ти си за медиуми главен’. Тогаш Камчев сакаше да ме фали. Потоа ми ја прати директорката на ‘Систина’, да преговара со мене за сумата за рекламирањето. Сумата од 160 илјади евра беше понудена од нивна страна, уште пред да ја знам Катица Јанева или Лазар Јанев да биде вработен во телевизијата. Улогата на Кичеец во целата оваа рашомонијада беше како мене да ме држи мене во кондиција. Под точно утврден ценовник и утврдени термини, по нивно барање, така што ноторна лага е дека договорот бил без ценовник и утврден систем на рекламирање“, кажа Јовановски-Боки 13.

Според него, односот продолжил со ручеци и вечери.

„Па заврши со злоупотреба на мојот лик и дело од страна на двајцата, но повеќе од тужителот, што значи инсистираше да се гледа со мене. Јас поседувам телефон кој не е вештачен и може да се види кој кога и кого барал. Станува збор за искажани тврдења дека му се завршени и дека има цврсто ветување од Зоран Заев и бугарските пријатели, дека за него нема да има кривичен прогон и вели: „Јас со Зоки завршив работа“. По ова излегува интервју од тужителот каде го глорифицира Зоран Заев, и зборува дека тој е најдобриот премиер кој го имала Македонија“, посочи Јовановски-Боки 13.

„Во Кривичната постапка, тужителот кажа дека: ‘Мене Бојан не ми побара пари, туку дојде Зоран Милески-Кичеец и Лазар Јанев и тие ми побараа пари’. Па судот нека цени за каков профил станува збор. Измама и влијание се нема случено. Суден сум за претпоставено влијание и не сум бил надреден над тужената за да имам авторитет“.

Раскажа и за односот со ексспецијалната јавна обвинителка Катица Јанева со која заедно се осудени во „Рекет“.

„Мојот однос со Катица Јанева беше пријателски, септември 2018 година кога ја повикав да гостува во емисијата ‘Лица’ кај Анета Кочишки. Тогаш настана тоа фамозно селфи, каде јас велам: ‘Почнува нешто големо’. А се пишуваше дека јас сум најавувал дека ќе го апсат Камчев. Така беше презентирано. Тужената Катица Јанева гостуваше, ние останавме во пријателски односи. Таа не оддавала службени тајни, ниту постои таков доказ. Се е базирано на претпоставки и шпекулации. Кога се случи апсењето на Камчев, јас како прокурист во ‘1ТВ’ известував објективно и неселективно, иако рекламер беше ‘Систина’. Човекот кој вршеше притисок да не биде добиен ефективен притвор за Камчев беше лично Зоран Заев. Тоа го знам од непосредно признание стеканто по лично кажување на Зоран Заев во неговиот кабинет кога јас бев на средба кај него, за што постојат материјални докази во мојот телефон. Кичеец беше оперативец и на Зоран Заев. Потоа Зоран Заев ми кажа дека кога не успеал да издејствува куќен притвор за Камчев и дека обвинителката Катица Јанева му создавала големи политички проблеми. Ми беше кажано дека двајца пратеници се од Камчев обезбедени за уставните промени, односно дека нема да гласаат за промените бидејќи СЈО и отворањето на ‘Империја’ создал проблем. Ова не е гол исказ, туку постои материјален доказ кој не е изведен, каде има порака меѓу мене и Зоран Заев за лицето Катица Јанева каде што зборуваме и ми пишува порака за мекнеење (омекнување) на Јанева“, кажа Јовановски-Боки 13.

Посочи дека Милески-Кичеец земал позајмица од него, за да му ги даде на Камчев.

„Зоран Милески-Кичеец побара од мене заем за да му ги даде како позајмица на Камчев, кои сакаше да му ги даде него, а не сакаше да каже од кого се парите. Зоран Милески влегува кај мене во 11 часот сабајле и во Космо црна кеса, парите кои ги побара од мене ги изнесува. Со истата Космо црна кеса влегува кај Камчев околу 12-1 часот, истиот ден. Кичеец после тоа ме зема сам, па заедно одиме заедно кај Камчев. Излегува Кичеец со торбата, а што имало во неа, треба да каже тој што ја носел торбата. Јас никогаш не сум ја допрел. Потоа, истиот ден, вечерта повторно бевме кај него. Јас сум бил присутен милион пати кога Милески-Кичеец и Камчев си разменувале торби и кеси, никогаш не сум прашувал што има во нив, исто како што мене никој не ме прашува што носам јас во мојата торба“, кажа Јовановски-Боки13.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески

„Орка Холдинг“ на Орце Камчев ќе го презема целосно „Жито Полог“

Орце Костов