Бојан Јовановски-Боки 13 прифаќа, но Управата за извршување санкции не дозволува тој да даде интервју со сите детали за случајот „Рекет“ и за обвинувањата кои ги пласираше во јавност. По една недела разгледување, одбиено е барањето на „А1он“ за видео-интервју со осудениот Јовановски. Образложението е дека не се дозволува од безбедносни причини. На прашањето кои се тие, директорот на Управата за санкции, Марјан Спасовски даде само една причина – влијание врз предметот „Меѓународен сојуз“, а откако побаравме да ни се посочат и другите, вработена во Управата, без да се претстави нѐ информираше дека тие не биле должни да го направат тоа.
„А1он“ преку адвокатот Сашо Дуковски, бранител на Јовановски, доби согласност осудениот да зборува јавно за случајот „Рекет“ и за текот на судењата. Но и покрај ова, Управата за извршување санкции, го искористи единствениот член во Законот за извршување санкции за да го одбие барањето.
„Посетата на горенаведеното лице не се одобрува поради безбедносни причини“, меѓу другото стоеше во одговорот.
Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, како оправдување, за безбедносна причина наведе дека Јовановски може да влијае на предметот „Меѓународен сојуз“ каде е обвинет, а кој е во фаза на судење. Од него, немаше објаснување на кого може да влијае Јовановски, ако се има во предвид дека тој во затворот „Идризово“ е на издржување затворска казна за „Рекет“, а за „Меѓународен сојуз“ никогаш не му била одредена мерка.
„Во тек е постапка каде е обвинет за случајот ‘Меѓународен сојуз’ и ќе влијае на постапката, тоа е безбедносната причина. Имајте убав ден, поздрав“, рече кратко директорот на Управата за извршување санкции.
Имајќи во предвид дека предметот „Меѓународен сојуз“ се суди, а во таков случај за можно влијание врз сведоци, како и мерки, одлучува судечкиот судија, „А1он“ праша и во Кривичниот суд дали е консултиран дали Јовановски со интервју може да влијае врз процесот.
„Во консултација со судечкиот судија надлежен за постапување по предметот во јавноста познат како ‘Меѓународен сојуз’ до судот, до овој момент, не е доставено такво барање“, одговорија од Кривичниот суд на прашање дали Управата побарала мислење од судијката Софче Гаврилова-Ефремова.
По упатените писмени прашања до Управата за извршување санкции, телефонски нѐ контактираше и вработена, која не се претстави. За неа, „А1он“ нема потреба да знае кои се безбедносните причини за да се одбие интервјуто.
„Ни доставивте за прашања. Прашањата кои ни ги поставивте – безбедносни причини да ви кажуваме не сме обврзани, бидејќи нели проценката, ние ја правиме“ рече таа, по што инсистиравме прашањата да бидат писмено одговорени таа додаде: „Аха, значи инсистирате писмено да бидат одговорени“. Кога и посочивме дека директорот Спасовски веќе кажал дека безбедносните причини се поради влијание на случајот „Меѓународен сојуз“ без да се посочи на кого поточно вработената во Управата рече: Меѓу другото, и за судењето. Не може да одлучи Кривичен суд, ние не се обраќаме, ние ја даваме согласноста. Сами одлучуваме дека може да влијае. Не за судскиот процес, туку како се однесуваат затворениците и дали може да има негативни последици. Вие имате претстава од колку осуденици имаме вакви барања? Немате претстава“.
За одлуката на Управата за извршување санкции, со која не дозволија Бојан Јовановски-Боки 13 да излезе пред јавноста преку видео интервју, известен е и министерот за правда, Бојан Маричиќ. Која е причината за ваквото известување, ако се знае дека Управата нема ваква обврска – не објаснија. Оттаму не кажаа, дали покрај известувањето дека е одбиено интервју, на Маричиќ му посочиле што стои во безбедносната проценка.
„Управата за извршување на санкциите го информираше министерот за правда за нивната одлука да не се дозволи снимање на видео-интервју во КПД Идризово со лицето за кое прашувате“, објаснија од Министерството за правда.
„А1он“ побара и објаснување, кој според Министерството за правда, прави проценка дали осудено лице може да влијае во судски процес. Но, ниту ова прашање не беше одговорено.
Инаку, Бојан Јовановски на десетици рочишта обвинуваше за цензура. Тој посочуваше дека нему не му се дозволува на рочиштата за „Меѓународен сојуз“ да даде своја одбрана, како и да одговори на нападите. Последно, тој преку отворено писмо се обрати на јавноста, а откако беше одбиено барањето за видео-интервју.