Боки 13 доби нови девет години затвор, Ременски е ослободена

Од:

Четири казни за физички и една за правно лице, изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова заедно со судечкиот совет во случајот „Меѓународен сојуз“. На претседателот на невладината организација Бојан Јовановски-Боки 13 му изрече девет години, заменик-претседателката Јасна Мандиќ доби четири години, таткото на Боки 13, Миле Јовановски доби условна казна, експратеничката Фросина Ременски е ослободена од обвиение. Асистентката на Боки 13 – Кристина Блажевска и е изречена казна од една година. „Меѓународен сојуз“ треба да плати еден милион денари.

„Бојан Јованоски сторил измама и перење пари, за што судот му утврдува затвор од по 5 години и го осудува на единствена казна од 9 години. Јасна Мандиќ сторила кривично дело… за што судот и утврдува казна затвор од по 2,6 месеци односно ја осудува на казна затвор од 4 години. Фросина Ременски се ослободува од обвинение бидејќи не беше докажано дека го сторила делото. Христина Блажевска го сторила делото перење пари за што ја осудува на затвор од една година. На Миле Јовановски му се утврдува условна осуда и нема да се спроведе ако во наредните 5 години не стори ново кривично дело“, кажа судијката.

Христина Блажевска беше ослободена од обвинението за помош во измамата на Бојан Јовановски.

„Христина не му помогнала на Бојан Јовановски како што се тврдеше. Таа ги земала парите кои од Лилјана Тодоровска биле уплатени и ги дале со Јасна парите на Бојан. Со овие дејствија, земањето на парите од Лилјана и давањето на тие пари на Бојан, му помогнала тие пари да ги пушти во оптек и го остварува законското битие на другото кривично дело перење пари, кое произлезе од доказите“, кажа судијката.

За Фросина Ременски, која беше обвинета дека со нејзиниот углед му помогнала на Бојан Јовановски.

„Неспорно е дека биле преземени дејствија. Овие докази не беа доволни за да се донесе осудителна пресуда. Во дел на состаноците, освен Фросина било и лицето Кирацовски. Присуството нивно, помогнало да се потпише договорот, но не потенцира што ветувала Фросина, за да се види дали помогнала во делото. Нечие присуство со свој авторитет без постоење на други дејствија, докажана умисла дека Бојан имал намера да ги измами, нема доволен капацитет за утврдување на вина. Имало комуникација меѓу Бојан и Фросина, но нема комуникација за овие проекти, туку во однос на општи проекти, што можат да работат. Давање на совети и упатства во конкретен предмет – немаше. Во постапката не се презентираа доволно докази. Притоа и покрај тоа што донесе ослободителна пресуда, на Ременски и укажува дека јавното обвинителство не поднесува обвинение поради тоа што сака да наштети на честа и угледот, туку дека постои сомнение“, додаде судијката.

За Бојан Јовановски и Јасна Ерцеговиќ, судијката рече дека никогаш немале намера да го реализираат проектот, туку да ги убедат оштетените да ги дадат парите.

„Обвинетата Јасна потврдува дека ги подигнала парите и ги дала на Бојан за проектот, а дел бил нејзин хонорар. Тоа не беше уверливо, бидејќи не даде јасно објаснување кои биле проектните активности за кои се употребиле парите, со оглед дека предметниот проект не бил започнат, ниту реализиран, а за целите и намените биле исплатени високи суми на пари. На прашањето дали Бојан и кажал кои се тие активности, таа не даде јасен и конкретен одговор, туку дека понатаму ќе видела. Фактот дека парите на Лилјана Тодоровска биле предадени на Бојан Јовановски се докажува од фотографија во доказите, по четири дена од подигањето на средствата, а се гледаат пари подигнати од Комерцијална банка, соодејствуваат со износот на Лилјана. Фотографијата е најдена во лаптоп земена од 1ТВ. Судот прифаќа дека наоѓањето на овие 700 илјади евра не се за намените и целите на проектот. Воопшто не беа презентирани докази за кои намени и цели на проектот завршиле овие пари. Во однос на овие пари се споменуваше претходниот предмет (Рекет) “, рече судијката.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова елаборираше дека се исполнети битијата на делото измама и перење пари. Таа посочи дека Бојан Јовановски парите кои му ги уплаќале ги користел за купување предмети за дома и за трошоци во 1ТВ, а немал намера ниту ги употребил парите за проектите кои требало да ги реализира. Јасна Ерцеговиќ, според судијката, пари кои ги добивала а биле уплаќани од бизнисмени во ‘Меѓународен сојуз’ ги уплатувала на фирмите „1ТВ“ и „БМЈ Медиа Груп“ како позајмица.

„Судот прифаќа дека парите уплаќани во ‘1ТВ’ и ‘БМЈ медиа груп’ како донации и позајмици, прифаќа дека се од бизнисмените“, кажа Софче Гаврилова-Ефремова.

За Миле Јовановски кои правел позајмици на „1ТВ“, судијката исто така смета дека нема покритие за парите.

„За сите овие уплатени средства немал легално покритие. Неосновано е дека семејството Јовановски стекнал имот со продажба на јаболки и недвижнини, бидејќи нема докази. Јовановски е обвинет и за незаконско поседување на оружјето. За две оружја е потврдено дека се вон функција, а за едно е во функција. Тие се пронајдени при претрес. Факт е дека тој нема дозвола за оружје.

Според судот, преку изведените докази, обвинителката Ивана Трајчева докажала дека Бојан Јовановски успеал ја искористил невладината организација за да донесе во заблуда бизнисмени кои ги нарекува оштетени, со цел тој да ги земе парите. Јасна Мандиќ и Фросина Ременски, беа товарени дека му помагале на Боки 13 да ја оствари целта, за што, за Ременски беше посочено дека тоа го правела со нејзиниот углед кој го уживала. За асистенката Блажевска и Миле Јовановски, судот смета е докажано дека тие ги ставале земените пари во оптек. На Миле Јовановски, на терет му се стваше уште едно дело кое се однесува на поседување оружје, за кое, во интервју за „А1он“ кажа дека е старо и нефункционално, оставено од неговиот дедо. Пресудите се донесени за кривичните дела измама, перење пари и примање награда за противзаконито посредување.

Претходно, Бојан Јовановски-Боки 13 негираше дека проектот за изградба на старечки домови бил наводен и посочи дека бил реален. Во однос на поддршката од Владата, посочи дека дури и доказите на Обвинителството преку приложените комуникации го потврдува тоа. Со ова, Јовановски пред судот сакаше да ги побие фактите на обвинителката Ивана Трајчева дека тој лажел дека има поддршка.

Обвинетата Фросина Ташевска-Ременски негираше вина и посочи дека според анти-криминалистичката теорија, постапувањето на обвинителката Ивана Трајчева е злоупотреба на службената положба и овластување. Таа кажа дека постапката за „Меѓународен сојуз“ не е водена според законот: „Целта не е потрага по објективната вистина, туку спротивно, а тоа треба да добие процесно руво. Изигрувањето на истражните верзии, ја изигрува и судската верзија. За правилна пресуда и изигрување на замките, судот треба да има судска верзија и така ќе биде отворен за докажување на кривичното дело“. Според неа, Трајчева се обидува да симулира кривично дело.

Бојан Јовановски-Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска се невини, посочи неговиот адвокат Сашко Дуковски пред судот. Тој рече дека има договор помеѓу ‘Меѓународен сојуз’ кој бил склучен со две фирми, а Обвинителството сака да посочи дека тој е направен за да биде направена измама и додаде: „Јас такво нешто немам видено“. Дуковски кажа дека договорот е граѓанско-правен однос, а за негово неисполнување не може да се одговара кривично.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Боки 13 уште е во болница, Апелација ја одложи јавната седница за „Меѓународен сојуз“

Катерина Ѓуровски

Трајчева е незадоволна што Ременски е ослободена во “Меѓународен сојуз”, ќе се жали на Апелација

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Ременски: Ова беше долг и измачувачки процес за мене

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Таткото на Боки 13: Умре правдата, пресудата е одмазничка

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Драма при изрекување на пресудата, Боки 13: Оваа пресуда е доказ дека ти си слуга на Зоран Заев, Господ казнува, не казнуваш ти

Кристијан Ландов